Пеп Гвардиола беше гостин при денешниот акт кој го одржа Фондацијата Јохан Кројф во Барселона, а новинарите го искористија присуството на менаџерот на Манчестер Сити за да му постава неколку прашања за последните случувања во фудбалска Европа.
Секако, најактуелна во изминативе неколку дена е третата последователна титула која ја освои Реал Мадрид во Лигата на шампионите, достигнување на кое сега не остана рамнодушен ниту легендарниот фудбалер и тренер на Барселона, кој во своето обраќање пред новинарите порача дека им „симнува капа“ на Зидан и играчите за тоа што го направија во последните пет години во најсилното натпреварување во Европа.
– Сакам да му честитам на Реал Мадрид. Кога еден тим успева да освои три титули во низа, или четири во последните пет години, тоа значи дека станува збор за фантастичен склоп. Лигата на шампионите е многу тешко натпреварување, многу комплицирано, можете да бидете надвор од истото во само еден напад. И ако успевате да излезете како недопрен три години во низа, тоа значи дека маестрално ги контролирате рработите. Најдобра демонстрација за тоа колку е голем Реал Мадрид добивме по израмнувачкиот гол на Ливерпул во финалето. Наредните 10 или 15 минути би требало да бидат минути на Ливерпул поради ентузијазмот за постигнатиот гол, но тогаш Реал беше најдобар. Ги контролираат неверојатно добро овие натпревари во елиминациската фаза и можам само да им симнам капа. Освојувањето на три последователни титули укажува на тоа колку е квалитетен тимот, но исто така и тренерот и клубот. На останатите сега им преостанува да се обидат да не им дозволат да ја освојат четвртата титула во низа, – порачува Шпанецот.
Извор: Дерби.мк