3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Пахор: Ќе му дадам мандат на Јанша, затоа што силно верувам во демократијата

Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека ќе му даде мандат за формирање влада на десничарскиот опозициски лидер, чија партија освои најмногу гласови на вчерашните предвремени парламентарни избори.

Пахор денеска изјави дека поранешниот премиер Јанез Јанша треба да добие шанса да обезбеди парламентарно мнозинство, откако неговата Словенечка демократска партија освои 25 проценти од гласовите на вчерашното гласање.

Другите партии кои успеаја да влезат во 90-члениот парламент, ја исклучија можноста да коалицираат со Јанша поради неговите екстремистички ставови. Поголема е веројатноста тие да формираат центристичка коалиција, јавија локалните медиуми.

– Не сум должен да му дадам мандат на релативниот победник на изборите, но јас ќе го направам тоа, затоа што силно верувам во демократијата, истакна Пахор.

– Ако дојде до тоа победникот на изборите да не може да состави влада, а тоа искуство веќе сме го имале, тогаш ќе се бараат други решенија, изјавил Пахор за љубљанско „Дело“.

Тој ги повика сите кои ќе учестуваат во процесот на формирање на идната влада, искрено да се  потрудат, со цел на државата да и обезбедат успешна и сигурна иднина.

– Успешно формирање влада ќе биде најважна задача во наредниот период. За тоа ќе ни биде потребно политичко трпение и многу мудрост, рече Пахор.

поврзани објави

Последни објави