Македонскиот премиер Зоран Заев попладнево на прес-конференција сопшти дека е постигнато решение за името. Тој ги повика на граѓаните на референдум наесен да ја „зграпчат шансата“.
Името за кое е постигнат договор е Република Северна Македонија (на англиски: Republic of North Macedonia).
На прес-конференцијата во Скопје македонскиот премиер Заев попладнево оцени дека е постигнато „достоинствено и историско решение“ за името – Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба, кое ќе се прецизира со амандман во Уставот.
„Националноста е македонска / граѓани на Република Северна Македонија. Со решението го јакнеме идентитетот македонски. Македонскиот јазик и народ ќе бидат заштитени и зајакнати еднаш и засекогаш. Нема веќе ФИРОМ, нема веќе договори во кои се избегнува македонскиот јазик. Свои сме на своето и конечно тоа е признато од сите наши соседи. Ќе се зајакне културниот идентитет, нашата придобивка е огромна, ветува стабилна и просперитетна иднина на нашите граѓани“, рече Заев на средбата со новинарите.
Според него, договорот ќе биде презентиран пред сите релеватни фактори во државата. За наесен, како што кажа Заев, е планиран референдум, на кој граѓаните ќе се изјаснат за договореното.
Повеќе за ова на dw.com