Демократизација и европеизација на Република Македонија е единствената цел на новата тинк-тенк организација Институтот за одржливо управување Македонија 2.0, која ќе биде промовирана утре.
Новата невладина организација во себе спојува интелектуалци со различна политичка и етничка припадност.
– Институтот за одржливо управување Македонија 2.0 е основан од поединци кои ја започнаа борбата за внатре-партиска демократија како предуслов за суштински реформи во начинот на практикување на власта на државно и локално ниво. Поединечни цели на Институтот ќе бидат: Градење на вистински демократски институции во Република Македонија; Охрабрување на граѓаните активно да се вклучат во процесите на градење на здраво и одржливо општество; Промоција на Република Македонија како самоодржлива држава; Суштинска поделба помеѓу државата и партијата на власт; Демократизација, преку реформи внатре во политичките партии, вклучително промовирање на концептот на мултиетнички партии; Евроатлантска интеграција, преку членство во НАТО и ЕУ за Република Македонија; Минимизирање на руското влијание (вклучително преку лажната пропаганда) во процесот на носење на политички одлуки во Република Македонија на сите нивоа; Промоција на нови лица во политичкиот и општетствениот живот во Република Македонија, информираат од Институтот.
Оттаму додаваат дека во рамките на Институтот за одржливо управување Македонија 2.0 ќе бидат развиени четири видови на програми: Мониторинг истражувачка програма- за оцена на слободата и демократијата во општетството; Образовна програма- наменета за активистите на Институтот во областите од интерес; Програма за минимизирање на влијанието на лажната пропаганда во политичкото одлучување, и тоа во средини во кои истото е најсилно како: партиски организации, религиски групи, форми на здруженија и слично, Програма за промоција на граѓански и политички дијалог на сите нивоа во општеството.
-Институтот своите програми ќе ги реализира преку: организирање на панели дебатни дискусии, теренски и интернет кампањи, средби со граѓани, пресконференции, медиумски настапи, публикување на периодични извештаи и слично. Исто така, предвидени се неколку обуки од страна на домашни и меѓународни експерти во областите од интерес на Институтот, велат основачите.
На промоцијата на Институтот која е закажана за утре ќе се одржи панел дискусија на која е предвидено да се обратат Стефан Хабек, меѓународен говорник на Паневропа Австрија, поранешниот министер за здравство и кандидат за претседател на Р.Македонија Имер Селмани, Мирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Кирил Миновски, поранешен министер за финансии во Владата на Република Македонија, Сашо Клековски од МЦМС и Насер Селмани, претседател на ЗНМ.