Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска имаа средба со претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов на која го доставија договорот за решение за спорот којшто Република Грција го имаше со Република Македонија.
Премиерот Заев и министерот Димитров, како што соопшти владината прес-служба, имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина.
Иванов во текот на денот ќе се обрати пред граѓаните по денешната двеминутна средба со премиерот Зоран Заев и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров кои го информираа за постигнатиот договор за името, соопштија од кабинетот на шефот на државата.
Република Северна Македонија, ерга омнес, промена на Уставот и постепено воведување на новото име во внатрешноста на земјата, зачувување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, е содржано во договорот, кој вчера во телефонскиот разговор го потврдија премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, а потоа и ја информираа јавноста во своите земји за постигнатото во обидите да се стави крај на 25-годишниот спор.
Договорот, како што најави премиерот Заев, утре ќе биде разгледан на владина седница и ќе биде презентиран пред сите релевантни политички субјекти.
По потпишувањето на договорот од страна на двајцата премиери, тој треба да биде ратификуван во парламентите на двете држави.