Со поддршка за протестот вчера се јави и навивачката група Комити, која повика на протест и пред десетина дена кој заврши со насилство, солзавец, приведувања. Овој пат тие упатија закани и до новинарите и медиумите кои се обидуваат да ги оцрнат.
„-23.06.2018 да го подржиме Македонскиот народ во борбата за слобода, што допрва следува. Нашата порака е јасна, само Македонија и ништо друго. Нема да дозволиме сопствена промоција на било каква партија или поединец. Со почит кон другите држави, но на ваков протест исто така нема да дозволиме знамиња на други држави, бидејќи ова е борба за нас и на никој друг. Во последено време, одредени рекетарски новинари и медиуми се обидуваат да не оцрнат, но очигледно не сфатиле ниедна од нашите пораки. Ако вашиот мизерен живот е ставен во служба на политичките елити и немате сопствено јас, ние не сме ви криви, сеедно ви е и по вас ќе дојдеме.Да живее Македонија!!! – стои во повикот на Комитите.
Министерот пак за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата на 1Тв „Уреднички Брифинг“ беше дециден дека ќе се санкционираат сите пораки, повици за насилство и говор на омраза на социјалните мрежи. Тој потенцираше дека ќе одговара секој кој удрил врз полицијата или институциите и порача дека никој нема да биде амнестиран. Упати апел до граѓаните да мислат со своја глава и да не наседнат на провокации. И Спасовски предупреди дека имаат индиции дека во сабота повторно се организираат за нереди.
Сообраќајот во центарот на Скопје утрово од 10 часот се пренасочува поради поставување на бината. А МВР и денска апелираше до граѓаните да се воздражат од насилства за време на протестите.









