Последниве неколку денови мајсторите на политичкиот театар го демонстрираа своето знаење на највиско ниво. На истиот начин како сите овие близу 30 години… Јас те сакам ти ми бегаш, јас ти давам ама ти не земаш. Јас сум за ЕУ и НАТО ама ти си против. Сакам амнестија , не ти давам амнестија.
Зошто ни го губите времето дечки?
Вака ако ја терате ќе треба еден од вас на оваа лидерска средба ( леле само како звучи ЛИДЕРСКА, небаре се Трамп и Путин) да го изгасне уличното осветлување во Македонија. Не за друго да не троши џабе струја а и нема да има кој да ја плати зошто работоспособните со ова темпо на иселување до 10-15 години ќе се надвор од државата. Ќе останемe држава на политичари и пензионери. Вие нема да избегате, кај ќе најдете таква удобност, со малку циркуски финти пред граѓаните да поделите толку тендери, лиценци и да однесете над 10 милијарди евра. Толку е преценката на нашите европски партнери дами и господа дека вие имате прибрано за овие близу 30 години транзиција, околу 4-5 годишни буџети на државата.
Нели сме сите за демократијата? За европските вредности? За напредок и модернизација? Тогаш зошто да нема референдум и на тој истиот освен прашањето за договорот со Грција да прашаме и дали граѓаните се за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 и за промена на изборниот модел – една изборна единица и отворени листи? Зошто на пример и другите помали партии молчат за предлогот. Кај се Лиле, Стојанче, Ѕинго, Стевчо, Амди итн. или можеби и нив им одговара да „цицаат“ веќе толку години како да се дел од власта.
Или ова второто ве удира по нешто многу свето за вас, патните трошоци, кои денеска „брутално“ си ги намаливте?
Многу работи околу вашиот пристап кон политиката ми се јасни, само не ми е јасно до кога ќе ве трпи овој измачен и сиромашен народ?
Се надевам дека ќе се разбудиме сите од сонот и ќе сфатиме дека сите вие сте дел од проблемот а не од решението.
Дами и господа време е за политичко пензионирање, овие играчи ја претераа. Време е да дадеме шанса на некој друг, може и ќе успееме да смениме нешто а ако и тој не врши работа ќе го смениме и него. Се додека не се појави човек кој е готов да работи за доброто на граѓаните!
Така направија сите посткомунистички земји кои денеска се во Европа и сè уште не се задоволни и ги менуваат. Овие земји се светлосни години пред нас и многу побогати и среќни.
Автор: Елизабета Најдоска Величкова
Извор: Трибуна.мк