Државните и национални интереси не смеат да бидат монета за поткусурување со која што Зоран Заев ќе си плати амнестија за криминалот. Државните и националните интереси не смеат да бидат ниту димна завеса со која што ќе се покрие масовниот грабеж кој во моментов го спроведува криминалниот картел. Не смее да се менува името и Уставот на државата само за да се украдат стотици милиони евра, како што гледаме деновиве дека се случува.
Народот сфати дека виткањето кичма е утринска гимнастика на Зоран Заев за да биде подготвен за прифаќање на сите грчки црвени линии наведени во таканаречената Спогодба со Хеленската Република. Граѓаните ја сфатија играта и преземените обврски на Заев за обезличување на македонската посебност со губење на историјата и идентитетот, преку обезличување на секоја државна институција што се именува како македонска.
СДСМ е во паника бидејќи го гледа моментот на семакедонското, вклучително и од нивното членство, одбивање да се согласат со планот на Зоран Заев и неговиот клан со кој македонската нација и држава се претвораат во „вештачка нација“.
Тоа што Македонија ја влече во темното минато се криминалот и наместените милионски тендери на сметка на економското девастирање на државата и граѓаните, што е препознатлив стил при секое владеење на СДСМ.
Кога станува збор за западните вредности, Европската Унија не признава наместени тендери и делење на државни пари на фирми на владини претставници. НАТО не признава судство кое е во спрега со власта, ниту пак ќе толерира криминогени ликови фатени со „рацете во медот“. Доказ за тоа се добиените „датум за датум“ и условените препораки за интеграција, кои пристигнаа и покрај извршената капитулација на Заев.
Насилството кое се обидуваат да го спроведат Заев и неговата камарила не соодствествуваат со европските демократски процеси. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна опозиција застана зад реформските процеси и како секогаш даде најголем продонес во процесите кон евроатланските интеграции. СДСМ го прекршија зборот, го истрошија времето на граѓаните и сега повторно се преговара за истите работи договорени во март годинава.
За разлика од СДСМ и нивниот лидер, ВМРО-ДПМНЕ останува на зборот и на тоа што значи одбрана на највисоките национални и државни интереси. За ВМРО-ДПМНЕ изборот е ЕУ и НАТО, но и одбрана на националните и државни интереси. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе остане на страната на демократијата и ќе се бори да не биде изиграна вистинската волја на граѓаните со изигрување на гласачкиот процес или доведување на граѓаните во заблуда со двосмислени прашања. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ бараше еднакви можности за фер и демократска атмосфера за следните парламентарни избори.
Без сомнеж, граѓаните веќе знаат што да изберат, а само така, во фер и демократска атмосфера и вистинско почитување на волјата на граѓаните, расипничката власт на СДСМ ќе замине, а Република Македонија ќе победи!