4.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Заев: Раководството на опозицијата имаа 10 години да направат подобар договор

Вчера Собранието го утврди датумот на референдумот, го имаме денот кој ќе биде пресвртница на нашата историја.

На нас граѓаните, на секој од Вас поединечно му е дадена шанса да донесе голема одлука. Сега е време за одлука, рече премиерот Заев на денешната владина прес-конференција.

Сетете се на референдумот од 1991 година – голема одлука на еден државотворен народ. Тогаш покажавме дека сме народ кој знае да избере иднина. Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата иднина, а со тоа и иднината на нашата земја. Не дозволувајте било кој да го злоупотреби тоа ваше право. Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба да излезете. Јас лично се обврзувам дека ќе го почитувам исходот без разлика на резултатот. Вашата волја ќе се почитува!

Јас сум уверен дека Македонија ќе стане членка на ЕУ и НАТО, а македонскиот народ ќе биде вечно македонски народ и вечно ќе зборува македонски јазик. Уверен сум дека со вашиот глас на референдум нема да дозволите некој Македонија и понатаму да ја држи во заложништво.

Раководството на опозицијата велат дека можат да направат подобар договор. Имаа 10 години да направат подобар договор, додека си играа стиропор споменици. Тајно преговараа, додека Македонија ја држеа заробена во неуспех. Со години бараа референдум, сега кога Собранието носи одлуки за референдум, срамно го напуштија референдумот. Ова е време за клучни и историски одлуки за нашата земја.

Им се обраќам на сите чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Вратата ви е отворена. Лично јас презедов ризик за себе, направив чекор затоа што е важно за иднината на Македонија, имате и Вие обврска како сите граѓани да ја обезбедите иднината на нашата земја. Сега е време за храбри чекори, време за патриотски одлуки. Тргнуваме силно и никој не може да не сопре. Како никогаш порано, одлучни Македонија да успее. Наместо мрак, изолација, изберете светлина и иднина.

Референдумот е точка во која ќе се спојат иднината на нашата Македонија и нашата Европа.

Јас сум апсолутно уверен дека вашиот збор ќе биде порака за целиот свет дека – македонците заедно со своите сограѓани направија избор достоинствен за нивното место во друштвото на народите. Гласајте слободно, кажете ДА за да зграбиме можностите кои ни ги нуди ЕУ. Да за гарантирана стабилност, за признаен македонски национален идентитет, јазик и култура. Време е за одлука за нашата иднина, за иднината на Република Македонија, рече Заев.

 

поврзани објави

Последни објави