Весна Петрушевска на својот портал мојсајт.мк објави колумна која ја напишала во чест на својата прерано почината пријателка. Одличен текст, да читаш „наежен“ да те допре, да осетиш, да те заболи, да те внесе целосно, за жал во ваков текст. Секоја чест Весна!
– Љубов , држење за рака, бескрајни бакнувања во ноќта, трепет на срцето. Знаеш дека ова што ти се случува е тоа вистинското, не ти е важно дали некој се сложува со твојата одлука или не. Започнуваш нов живот и сакаш да се смени се околу тебе. Небото има нова боја за тебе, некако поинаку е отворено. Белина и мир.
Сакаш да бидеш мајка, не поради биолошкиот часовник, туку од своја причина интимна.Сакаш бебе, се случува, споделувањето е чин на среќа. Цел живот си сонувала како тоа дете ќе го пораснеш, ќе му раскажуваш приказни, ќе го шеташ на некоја патека каде има бескрајно зелени, жолти и портокалови цветови. Не престануваш да мечтаеш што се ќе му дадеш на тоа твое неродено дете.Твојот ум врие од возможности на неоткриени љубовни пораки кои сакаш само на тоа дете да му ги пренесеш. Одиш на прегледи редовно, не ни помислуваш дека нешто лошо може да ти се случи тебе и на нероденото дете. Си повторуваш дека се ќе биде во ред , не си ти таа среќа. После секој преглед одиш по продавници за најразни дребулии кои ќе ти требаат кога ќе се роди малото. Смислуваш имиња, се договараш дали е уредно да го носи името на некој од блиските. Ја мантраш онаа нашана стара : “Само да е живо и здраво. ” Не е дека не си помислила дека е возможно животот да го дадеш на породување, но сепак ти тупка во умот дека има добри доктори и иако не си во главниот град, ги знаеш докторите, околностите. Да, да, знаеш дека пред извесно време почина млада мајка и тоа во твојот град, ама тоа нема да ти се случи на тебе. Не смее! Имаш ти своја среќа! Не даваш да те гонат лоши мисли. Одете си, одете си, не ми требате и си го галиш стомачето. Му шепотиш нешто и си потпевнуваш. На лошите мисли се прави марш, марш. Доаѓа денот кој толку многу го чекаше.Не се плашиш од ништо затоа што знаеш дека првата прегратка со детето ќе биде твојата најголема љубов. Одеднаш белина и те снемува. Сите се во тој момент тука, има многу доктори, вресоци кои ти ги бодат ушните тапанчиња, растрчани бели мантили. Се потсмеваш велејќи си, многу си важна што се сите потресени по тебе.
Се обидуваш да им кажеш дека си во ред , не те слушаат. Го гледаш твоето родено дете и ја пружаш раката да го помилуваш, твојата рака не стасува, како да лебдиш над него. Сонувам, сигурно сонувам! Ги довикуваш нивните имиња, ама никој не те слуша. Вресок, уште еден вресок и не те слушаат. Гледаш како околу тебе веќе почнуваат да врзуваат апарати, но ти не си тука. Прават се што е спротивно на твојата волја. Ти сакаш само да го гушнеш детето и не ти даваат! Мора да е некоја грешка. Сакаш да им кажеш дека нешто е згрешено ама не можеш. Паника и страв се повеќе те обзема. Некој да ме го слушне мрдањето со моето мало прсте, некој да ми препознае знак дека имам да кажам и јас нешто. Како е возможно на породување да умрам? Зошто не ми кажаа ако нешто не е во ред? Зошто ми ги изедовте соништата, како лавот пленот? Срам да ви е! Кој ќе му раскажува на моето бебе? Кој ќе му помогне да го направи првиот чекор ? Првата насмевка, првиот збор? Моравте баш толку да чекате за да немам никаква шанса за живот? Каде живеев јас? Сега знам каде живеев.
Во земја каде се е важно освен човекот. Какво ништење на хуманоста, отсуство на емпатијата, изгубена одговорност.
Се однесувате како вам тоа да не ви се случува, нели не може да ви се случи …вие сте богови во бели мантили и се си знаете. Една мала ваша грешка ме однесе мене онаму каде никој не сака да оди. Имав толку многу соништа да споделам . Ми ги земавте како што ми го земавте детето. Носите ли грижа во умот и имате ли потскокнување на срцето ? Мојата смрт ќе биде забележана како статистика и сите ќе го заборават ова за три дена. Јас сакам да оставам во вашите глави крик кој ќе одѕвонува кога ќе се сетите на мене. Сите банални случувања во животот се сведоа на релативизирање на смртта. Мојата смрт е порака до оние кои ги играат упорно улогите на Господ! Сменете го костимот, белите мантили одамна не се скроени за вас. Имав само 31 година!
Посветено на Елизабета која прерано го напушти овој свет!
Извор: Мојсајт.мк/ Весна Петрушевска