Претседателот на СДСМ Зоран Заев со изјава од седиштето на Социјалдемократскиот сојуз
„Како што реков, Никола Груевски, никогаш повеќе нема да биде премиер. Се докажа дека Груевски го нема потребното мнозинство за да формира влада. ВМРО-ДПМНЕ синоќа на полноќ, и официјално ја изгуби можноста за формирање на влада.
Македонија нема време за губење, демократските процеси се почнати, така одлучија над 612 илјади граѓани, Македонија мора да оди напред. Очекувам Ѓорге Иванов да ми го додели мандатот за формирање на нова Влада на Република Македонија. Сите поинакви опции ќе значат кршење на Уставот и злоупотреба на функцијата.
За целата домашна и меѓународна јавност, е јасно веќе 50 дена од денот на изборите, граѓаните избраа промени. Од тука неопходно е да се формира влада што ќе ја изразува мнозинската волја на сите граѓани. На Македонија и е потребна влада што ќе ги обедини граѓаните, наместо да ги дели, потребна е стабилна и одговорна влада која ќе го подобри стандардот на живот во Македонија и ќе води реални политики, влада која ќе ги обезбеди стратешките интереси на Македонија и граѓаните, а тоа се пристапување кон евроатланските интеграции. Ние сме подготвени и целосно посветени за формирање влада која што ќе ги спроведе реформите од Пржино“, порача Заев во изјавата од Бихаќа.