3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Ми се допаѓа човек пред женидба, а и јас нему – не знам што да правам

Пред неколку месеци со мојот бивши дечко отидовме на гости кај негов пријател. Супер си поминавме, беа уште два пара повикани, тогаш првпат се запознавме ама беше многу весело и пријатно.

Се смеевме доста, па можеби поради тоа малку повеќе се поднапивме и се опуштивме. Еден од паровите беа пред брак, па ги зафркававме околу тоа и се шегувавме на нивна сметка. Ниедни од нас останатите не сме во брак.

Уште на самиот почеток забележав дека, токму мажот за кој ви раскажувам и кој наскоро треба да се жени, ги заглави очите на мене. Цела вечер ме гледаше и ми се смешкаше. На крајот седна до мене за поубаво да сме разговарале оти многу далеку сме биле и не ме слушал добро.

Многу ми се засвиѓа и неколку дена после тоа мислев на него. Наскоро пристигна нова покана – од него! Овојпат тој беше домаќин, па сите пак се собравме и отидовме кај него дома на вечера. Девојката, неговата идна жена не послужуваше и беше домаќинка. Повторно шегите беа на нивна сметка, особено беа адресирани до неа. И повторно ме гледаше и ме јадеше со поглед, ама и јас него.

Мојот дечко тоа го забележа, многу се налути и се каравме по пат до дома. Толку многу се скаравме, ме навреди и оттогаш не сме заедно. Колку и да негирав дека не сум кокетирала и дека не ми се допаѓал тој – не ми веруваше. Не ми помина и тоа „види го, колку е постар од мене, не е мој тип, пред женење е, за каква ли ме сметаш ти?!“ попусто, тој беше убеден дека ми се допаѓа, и во право беше.

Така сега сум сама и едвај чекам да ми се јави овој што треба да се жени. Вечерта скришум ми го побара телефонот и оттогаш ми се јавува и повремено се гледаме. Што се однесува до мене, јас сум слободна и немам грев кон никого. Тој си ја изневерува девојката и тој нека му ја мисли. Ама проблемот е што јас сакам да ја остави, а тој ништо не спомнува околу тоа. И натаму течат подготвките за свадбата, а еве се ближи есента, за кратко ќе дојде и тој ден.

Станав очајна, не знам што да правам. Мислам дека се затрескувам во него, а од друга страна свесна сум дека со него немам иднина. Тој постојано ми вели дека без мене не можел да дише, дека многу го палам, дека постојано мисли на мене… но пак се враќа кај неа. Се чувствувам изиграно и изневерено.

Од друга страна, ако ја остави неа и биде со мене, која ми е гаранцијата дека и мене во иднина нема да ме изневери?

поврзани објави

Последни објави