29.8 C
Skopje
Saturday, September 7, 2024

Претседателот на ВМРО НП Кривогаштани: Во ЕУ не постојат тефтери, Ибраимоски веднаш да си поднесе оставка!

Ибраимоски веќе нема никаков политички кредибилитет да зборува за демократија и слобода на изразување, тој мора веднаш да си поднесе оставка од функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија бидејќи преку своето дејствување во власта се обидува да врши притисок врз секој кој што не размислува како него, а на политичката сцена во Македонија се обидува да го врати времето на тефтерите, за кое токму тој велеше дека не смее да се повтори, вели претседателот на ВМРО НП Кривогаштани Зоран Граорски за изјавата на Ибраимоски која според него не била закана, туку само обичен коментар.

– Од овој момент па во иднина, СДСМ треба да знаат со кого се во коалиција. Ние од ВМРО НП сме повеќе од 15 години во опозиција, време во кое трпевме тортура, различни закани и притисоци и од луѓе на ВМРО-ДПМНЕ но не потклекнавме. Во многу наврати дававме поддршка за промена на претходната власт на чело со Никола Груевски, а токму нашиот лидер Љубчо Георгиевски беше тој кој безрезервно даде поддршка на промените кои требаше да донесат живот во Македонија, нешто кое што граѓаните уште не го чувствуваат, вели Граорски.

Тој додава дека ВМРО НП е демократска партија, па така секој ОК по свое сопствено убедување може да одлучи дали ќе го поддржи или бојкотира овој референдум.

– Очигледно господинот Ибраимоски не е навикнат на демократија во својата сопствена партија, па се обидува истиот систем на одлучување да го наметне и во другите партии. Ние во ВМРО НП ќе го почитуваме ставот на лидерот Љубчо Георгиевски, меѓутоа, нашата партија е демократска па оттаму за едно вакво важно прашање какво што е промена на името на државата, секој еден член има свое право сам да одлучи дали ќе излезе и дали и како ќе гласа. Оттука, сакам да му порачам на Самка дека во ЕУ и НАТО не постојат тефтери, а времето на тефтерите во Македонија одамна требаше да заврши.

Патем, човекот е изгубен. Се заканува, а потоа самиот себе се демантира и вели дека тоа не било закана, туку само обичен коментар. Па како не му е срам?! Кој е тој да се заканува на Љубчо Георгиевски и неговите приврзаници?! Па да не беше нашата коалиција ВМРО за Македонија предводена токму од лидерот Георгиевски, Самка и дружина уште ќе шетаа по улиците барајќи демократија и слобода на изразување, кои денес тој и неговите приврзаници не го применуваат и почитуваат, вели претседателот на ВМРО НП од Кривогаштани Зоран Граорски.

поврзани објави

Последни објави