7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Најновиот 81-ви број на „Скопско Eхо“ веќе се дели низ македонската метропола, ударна тема е: Багерите мируваат, крупни проекти нема..

СКОПЈАНИ ЕДВАЈ СКРПИЈА 10 ДНЕВЕН ОДМОР, А СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ СЕ ОДМОРААТ 10 МЕСЕЦИ

Сезоната на годишните одмори полека завршува. Што мислите кој најмногу се одмори во Скопје? Скопјани велат прашањето е лесно – градската администрација и, особено, градоначалниците се одморија целосно.
– Ретко кој од нас обичните граѓани скрпи 10 дневен одмор летово, а скопските градоначалници се одмараат веќе 10 месеци. Доказ за тоа не мора некој да ни даде, прошетајте низ Скопје и ќе видите, скоро и ништо да не се прави, гради…, е накратко сублиматот од разговорот со неколкутемина наши сограѓани.

Поради оваа нивна констатација и не побаравме дополнителни податоци каде вистински биле на одмор единаесетте градоначалници во Скопје. За да не ги нервираме дополнително нашите читатели. Главните проекти кои беа најавени од градоначалникот Шилегов и неговите општински колеги речиси воопшто и не се почнати. Во градот скоро и да не се гради ништо позначајно. Се се сведува на по некоја закрпена улица или тротоар, поставени столпчиња (за кои уште и ленти да сечат), ќе искосат некој тревник, ќе постават неколку клупи… и нормално ќе наговестат големи градби.

– Впечаток е дека многу се доцни и дека не се прави како што треба. Мислам дека ништо нема да се реализира од главните проекти кои што се ветени за периодот од 2018 до 2021 година. За тоа веќе нема да има време бидејќи тоа се големи објекти кои не се прават за неколку месеци туку за неколку години. Ако не се почнат сега тие нема да се завршат на време и после ќе ни објаснуваат дека им треба нов мандат да ги завршат, потенцира скопјанката Мери Костовска.

Дека граѓаните се во право најдобро покажува и споредбата на она што го ветија, а што досега го направија. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов досега се пофали со акција за чистење, бесплатно чистење на 100 оџаци, пет километри велосипедски патеки, почетно чистење на коритото на Вардар, 155 нови контејнери, помош во чистењето на Клинички центар, 1.200 метри квадратни зеленило, идна набавка на триесетина еколошки автобуси, изнуденото прскање на комарците… Претходно, во отчетот за учинокот за првите сто дена Шилегов наведе неколку работи што ги направил: воведено двосменско работење на градската администрација, акција за чистење, садење 615 садници, поставување 714 столпчиња на тротоари, забрана за возилата на Водно…

Слични резултати и расчекорот се гледаат и кај општинските градоначалници. Во Центар градоначалникот Саша Богдановиќ досега направил мораториум за 31 детален урбанистички план, неколку акции за чистење и собирање на отпад, реконструкција на неколку улици, поставување на столпчиња, уривање на диво поставените тераси на кафулињата… Зад градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски досега стојат асфалтирање на 12.000 метри квадратни улици и 1.000 метри квадратни тротоари, почната изградба на атмосферска канализација во Пржино, 2.000 садници цвеќе, соседски патроли, неколку обновени детски игралишта… Златко Марин од Аеродром организирал неколку еко – акции, санација на детски игралишта, почнал со изградба на колекторот и осветлување во Лисиче, засадил 500 дрвца, нови 600 столпчиња, по 3.500 денари на семејствата кои имаат прваче во оваа учебна година…
Во Карпош, пак, Стефан Богоев реконструирал неколку ученички игралишта, поставил столпчиња, нови фитнес зони, околу 300 засадени дрвца, ново зеленило кај Млечен ресторан, нова урбана опрема, чистење на коритото на Вардар… А сличен таков учинок имаат и останатите градоначалници.

– Очекувањата беа големи меѓутоа досегашните резултати се минорни. Вадење едни бекатонки и ставање други за мене е непотребна работа. Фалењето дека се ставени нови клупи е смешна работа. Големите и главни проекти се уште не се прават. Еве, клучката во Бутел која е единствен излез од општината не се завршува. Каде му е на скопскиот градоначалник Шилегов пробивањето на тунелот под Кале, мостовите, гасификација, нов парк, пешачка зона во Мал ринг, клучката на две нивоа кај ТЦ „Мавровка“, продолжувања на булеварите. Се раѓаат нови проблеми кои ни го отежнуваат живеењето а не се решаваат стари. Досегашниот мандат им е стерилен, вели скопјанецот Зоран Наумовски од Бутел.
Во Центар жителите се уште чекаат на ветената гасификација, нова градинка во Маџир маало, монтажни паркиралишта, водоводна мрежа во Ново Маало, вистината за проектот „Скопје 2014“ … Граѓаните на Кисела Вода очекуваат нова поликлиника, градинка и монтажен паркинг во Расадник, гасификација, енергетски фасади, градинка во Драчевo, Поликлиника и гасот се чекаат и во Бутел заедно со воведување на парно греење, водовод во Љуботен…

– Добро е да се стават столпчиња на тротоари и поправаат детски игралишта во Карпош но јас би сакал што побрзо да добиеме нов голем зелен парк, пензионерски дом, три реонски базени. Сето тоа се уште не е почнато да се прави. Зошто се чека? – вели жителка на Карпош Марица Тодоровска.
И во Аеродром се чека гасот, на мерки за чист воздух, субвенции за енергетски фасади, нова гимназија, нови детски градинки, водоводи и канализации, индустриска зона, домови за стари лица, подземни контејнери, затворен зелен пазар, културен центар па се до нова општинска зграда.

– Како да се е застанато, а помина толку време откако се на функција новите градоначалници. Не се прават ни булевари ни сите други големи објекти. Вака како што тргнале воопшто нема да стасаат да ги направат. А и тоа што се гради не се прави според најдобрите стандарди туку е прави фушерај, вели Бети Доневска.
Очигледно, добро одморените градоначалници ќе треба да запнат за да го надоместат пропуштеното. Но, многу поконкретно отколку досега и наместо и натаму да најавуваат дека „ќе направат ова или она“, да почнат нешто веднаш да прават.

Оценети се со двојка

– Некако екипите на градоначалничките соработници се на роднинска и пријателска база и сите уживаат, не работат, а не смеат да бидат санкционирани. За нивната работа им давам оценка двојка на скала од еден до десет. И тоа само затоа што дадоа субвенции за велосипеди, смета скопјанецот Роберт Мирчески.

поврзани објави

Последни објави