fbpx
5.8 C
Skopje

Солза Грчева: Камбовски покажува знаци на паника, ќе му порачам и ова

АКТУЕЛНО

Камбовски тврди дека никаде не е загарантирано правото на партии или групи луѓе да ги организираат, регрутираат, потплатуваат, застрашуваат, попречуваат или манипулираат со граѓаните со кампања на омраза и ширење страв заради бојкотирање на референдумот, распишан со легална и легитимна одлука на Собранието на Република Македонија. Професорот се повика на членот од Кривичниот законик кој се однесува на организирање на отпор и непослушност на законска одлука за што е предвидена казна и до три години затвор.

Му одговори претседателката на Глас за Македонија Солза Грчева.

– Камбовски продолжува да дава “муниција” за апсење на оние кои повикуваат на бојкот. Му препорачувам да побара “referendum boycott” на Google и ќе најде барем 10 референдуми низ Европа и светот каде партиите (најчесто опозицијата, но некаде и власта) ги повикуваат луѓето на бојкот. Во Каталонија, Brexit, Нов Зеланд, Канада …на Википедија се ќе му објаснат.

Впрочем истото е на избори. Албанските партии организираа бојкот на првиот референдум, а и за претседателски избори. Некој одговараше кривично? Се разбира не. И ќе треба да се помачи да објасни кој е тој план за “распарчување на Македонија”?. Но, ова се добри знаци на паника. Народот, огромно мнозинство, од првиот ден знае што треба да направи. Ништо. Да си отседи дома, напиша Солза Грчева на својот ФБ профил.

Aкадемик Владо Камбовски тврди:

„Уставно загарантираната слобода на граѓанинот да не гласа или да гласа и за што да гласа на референдум никој не може да ја ограничи со каква и да е забранувачка, најмалку кривично-правна забрана. Загарантирана е, се разбира и слободата секој јавно и без страв од секаква закана да го соопшти својот став во врска со референдумот – дали ќе се воздржи од гласање или ќе гласа и како ќе гласа.

Загарантирана е и слободата да се даваат објаснувања и изнесуваат аргументи и повици за излегување или неизлегување на гласање, или за гласање ‘за’ или ‘против’. Но никаде не е загарантирано правото на партии или групи луѓе да ги организираат, регрутираат, потплатуваат, застрашуваат, попречуваат или манипулираат со граѓаните со кампања на омраза и ширење страв заради бојкотирање на референдумот, распишан со легална и легитимна одлука на Собранието на Република Македонија.

Организираниот притисок врз граѓаните за бојкот на гласањето е противправен, затоа што не е во прилог на инвидидуалната слобода и право на поединецот да гласа и е против референдумот како значајна демократска вредност на македонското општество што се стреми да се приклучи во европскиот цивилизациски круг”., вели професорот.

Професорот се повика на членот од Кривичниот законик кој се однесува на организирање на отпор и непослушност на законска одлука за што е предвидена казна и до три години затвор.

Во членот 387 од Кривичниот закон стои:

„(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години”.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -