4.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Кога тврдоглавоста и брзоплетоста се закон

До нашата редакција стигнаа информации дека систематизацијата на ООУ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ прво била прифатена, а по одлуката на Советот на Општина Велес отфрлена. Токму поради таа причина во моментот според наши доверливи извори, наставниот кадар од двете фузирани училишта ОУ „Благој Кирков“ и ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“(новиот правен субјект сеуште не е формиран?), а исто така и учениците се соочуваат со голем број проблеми.

Во моментот според нашиот извор нема дефиниран наставен план, нема распоред на часови, наставниците немат добиено решенија за фонд на часови, а учениците не можат да следат нормална настава, бидејќи не знае кои наставници ќе им предаваат.Хаосот е уште поголем бидејќи за определени предмети воопшто училиштето нема согласност за избор на наставник. За наше големо изненадување овие информации беа демантирани од регионалниот претседател на СОНК, Петре Јорданов.

Јорданов нѐ информира дека проблемите околу веќе фузираните училишта се пред целосна разрешница, наставниците добиле решенија и се очекува се да заврши во најдобар ред. Побаравме мислење и од Независниот синдикат за образование, од таму беа децидни дека до горенаведените проблеми дошло поради фактот дека целата акција околу фузирањето на двете училишта во едно е направена „од денеска за утре“ без консултација со наставниот кадар и без да има доволно време да се најде решение за отворените прашања.

Од Синдикатот тврдат дека, за ваква фузија се потребни минимум од три до шест месеци, а не како што се случи во Велес, одлуката да се донесе неколку дена пред почетокот на школската година. Во врска со овие прашања се обидовме да стапиме во контакт со градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, но нашиот обид заврши без успех, бидејќи градоначалникот не одговори на нашите повици и смс пораки. Во меѓувреме, учениците доаѓаат во училишта кои според желбата на градоначалникот на Велес се згаснати, новиот правен субјект не е формиран, без настава, без часови,без наставници и без учебници.

„Трибуна“ ќе продолжи да го следи случајот со “фузираните” училишта и ќе продолжи да информира за проблемите со кои се соочуваат наставниците и учениците од овие два веќе поранешни правни субјекти. Ја потсетуваме и г-ѓа Елена Тевчева, советник за образование во Општина Велес, која е архитект на овој проект на локално ниво во образованието дека и стоиме на располагање да ги образложи своите идеи во врска со настанатата ситуација.

поврзани објави

Последни објави