И по два и пол месеца од потпишувањето на Договорот во Преспа, медијаторот Метју Нимиц е воздржан оптимист дека спогодбата лесно ќе помине во двете земји.
Во интервју за „БИРН“, 79-годишниот дипломат смета дека идејата да се чека нов подобар договор е ризична. Вели, поминаа 25 години, а може да поминат уште 25, зашто многумина ќе го загубат интересот.
– На оние во вашата држава што велат „ајде да почекаме“, да оставиме уште неколку години, ќе имаме подобар договор во иднина, jас им велам „Не знаете тогаш каде ќе биде ЕУ, дали ќе сакаат уште една членка, дали ќе сакаат тоа да биде вашата држава, не знаете каде ќе биде НАТО, не знаете што ќе се случи во Грција со смената на власта, не знаете што ќе се случи во регионот“, вели Нимиц во интервјуто за „БИРН“.
Нимиц е свесен дека три пречки се исправени пред целосно финализирање на спогодбата – референдумот и уставните измени во земјава и ратификација на Договорот во грчкиот парламент, прашање за кое лидерот на грчката опозиција Мицотакис е уверен дека сепак нема да добие зелено светло. Ќе ги искористиме сите карти што ни се на располагање за да ги смениме проблематичните аспекти на спогодбата. Дадовме македонски јазик и идентитет, а не добивне ништо за возврат, порачува Мицотакис во интервју за телевизија „Алфа“.
-Како се чувствуваат нашите граѓани кога господинот Заев и господинот Димитров велат „Јас сум Македонец и говорам македонски јазик“ и на тоа, никој не одговара. Ние нема да го ратификуваме договорот ниту сега, нито во следниот парламент, доколку не се ратификува во сегашниот парламент, изјави Кирјакос Мицотакис, лидер на Нова Демократија.
ИЗВОР: Канал5