Вчера професорката Ванковска изрази сомневање дека парламентарното мнозинство потребно за уставните измени е веќе обезбедено така што дел од пратениците на опозицијата веќе се „купени“ од страна на Заев и компанија. На Фејсбук Ванковска напиша вака:
„Не сакам да вознемирувам непотребно, но од повеќе страни ми стасуваат информации дека во парламентот е веќе обезбедено двотретинско мнозинство со купување на слободата (или благосостојбата) на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Ако е ова точно, тогаш мојата денешна колумна со наслов „Продадени души“ ќе треба да има и продолженија.
Она што лично ме погодува многу е што судбината на оваа држава ќе биде во рацете на луѓе како Тарчуловски (да, да, знам колку ја вознемирив јавноста кога кажав што мислам за неговото враќање со владин авион и дочек на државна сметка) и на бившите борци на УЧК – се’ „јунак“ до „јунак“ – и заедно со сите овие безкичмењаци.
Ако и навистина се случи тоа, ќе се зборува за национално предавство со неверојатни пропорции, но тоа ќе биде и време за расчистување со овие дегенерирани политички партии кои се и одговорни и виновни за се’ што се случуваше изминатите 27 години.“
Денеска на ова врати Тони Михајловски, и тоа со прилично груб одговор, алудирајќи на времето кога Ванковска се бореше против „режимот“ на ВМРО-ДПМНЕ.
„Па вашите информации и верувања се покажаа катастрофални за Македонија. Добро би било да замолчите. Може и ќе ни тргне. Оваа власт е ваше дело“- напиша Михјаловски.
Извор: Букефал