На скопјани им студи во последниве денови, но парно немаат, а нема ни да имаат до понеделник, први октомври. Тогаш ќе стартува грејната сезона доколку продолжат ниските температури, или согласно Правилникот, да бидат под 12 степени по 21 часот, три дена по ред.
Регуларно грејната сезона стартува на 15 октомври, но најголемиот производител БЕГ, а и другите снабдувачи, ја информирале Регулаторната комисија за енергетика дека се подготвени да почнат и две недели порано, од стартот на идниот месец.
„Не може грејната сезона да започне сега, од 26-27 септември, од причина што и по правилникот е наведен први октомври. Ние бевме во комуникација и со Управата за хидрометеоролошки работи, ни кажаа дека нема да бидат исполнети до крај условите за да има ниски температури, бидејќи се очекува и зголемување на температурите“, вели Бислимовски.
Регулаторите објаснуваат – ако сега ги натераме снабдувачите порано да пуштат парно, тоа значајно ќе ги зголеми нивните трошоци, па тие ќе го поскапат и товарот ќе падне врз џебот на граѓаните.
Дел од граѓаните велат дека е ладно, но ќе издржат уште неколку дена. Во наредниот период ќе се работи на нови правила и ќе се разгледаат можностите грејната сезона да почнува и пред први октомври, но откако добро ќе се испита финансиското влијание.