Милан изминатава вечер им се врати на победите откако го победи Сасуоло со уверливи 1:4 на тешкото гостување, но додека италијанската јавност големо внимание посвети на брилијантната партија која ја имаше Сусо, дел од новинарите го потсетија Џенаро Гатузо за еден импресивен податок кој пристигнува од Шпанија.
Со исклучок на дуелот со Сасуоло, јасно е дека „росонерите“ се мачат со реализацијата и многумина сметаат дека Гатузо нема доволно избор во нападот како поддршка за Игуаин, а сето тоа оди во негативен контекст ако се знае дека Милан лесно се ослободи од играчот кој сега е вистинска сензација на стартот на сезоната во Примера.
Андре Силва буквално импресионира со игрите во Севилја и по седум одиграни кола е најдобар стрелец во Ла Лига, па воопшто не чуди што во Шпанија се смета за големо откровение на стартот на сезоната. Португалецот постигна седум гола во исто толку одиграни натпревари во најсилното друштво во Шпанија, а италијанските медиуми уште отсега почнаа да прогнозираат дека Милан направи огромна грешка што така лесно се ослободи од него. Уште полошо е тоа што во договорот со Севилја е вклучена клаузула за откуп, според која шпанскиот клуб може да го купи напаѓачот по крајот на актуелната сезона за 35 милиони евра.
– Андре Силва не сакаше да остане, а јас кога го слушнав тоа, едноставно немав дилеми. Знаев дека не можам да го убедам да остане, не можев да му ветам 25 или 30 натпревари оваа сезона. Немав сомнеж дека е фантастичен напаѓач, но никој не го избрка Андре Силва од Милан, тој сакаше да си оди, – посочи Рино на прес-конференцијата по победата над Сасуоло.
ИЗВОР: Дерби