Повелете, инстант, еспресо, филтер, капучино, арабика и робуста, средно печено… ваков избор во наредниве месеци ќе има скопската градска администрација, советниците и гостите во објектите на Градот Скопје кога е во прашање пиењето кафе. Изборот е како во Хилтон хотел, а за тоа се погрижија домаќините, односно, градските власти кога во април годинава објавиле тендер за набавка на разни видови кафе, тежок околу 11.000 евра, без ДДВ. Па така, по примерот на Владата која за оваа намена неодамна одвои цели 45.000 евра, и градските власти решија да не штедат на традиционалното пиење кафе на работно место.
А не се штедело не само на количината, туку и на изборот на кафињата. Тоа мошне добро се гледа од условите кои им биле поставени на фирмите што ќе учествуваат на тендерот. Таму, од тендерската документација која можевме да ја видиме на веб-сајтот на Бирото за јавни набавки може да се пресмета дека на градските власти во наредниве две години ќе им бидат потребни ни помалку ни повеќе отколку 755 килограми најразлични кафиња!? Малку или многу, може да процени секој скопјанец од чии пари се финансира и оваа набавка.
– Ова навистина не е во ред! Единаесет илјади евра се големи пари за да се испијат преку кафиња. Тоа може да се намали, а парите да се пренаменат за нешто покорисно. На крајот на краиштата, зошто кафето е таму бесплатно во голема мерка? Зошто да не се плаќа од страна на советниците или другите. До кога тоа ќе биде на сметка на државата односно на сметка на граѓаните, реагира скопјанката Весна Крстевска.
А од јавната набавка, всушност, и се гледа каков мерак и каков вкус имаат скопските власти кога е во прашање пиењето на кафиња. Па така, од фирмите кои имале амбиција да ги снадбуваат со кафиња се бара да им испорачаат 420 килограми кафе мелено (мешавина на арабика и робуста), 150 килограми еспресо кафе во зрно, 54 килограми инстант-кафе во гранули во лименка и 46 килограми вакво кафе во стаклена амбалажа (?), 30 килограми кафе ка пу чино, 300 килограми бел шеќер, 50 килограми кафеав шеќер и 120.000 мали лажичиња.
– Потребни се и 450 капсули мсистем за еспресо кафе, состав 100 проценти арабика во алуминиумска амбалажа 1/15 со вкупна тежина од 103 грама. Да биде средно печен тип кафе, со зајакнат вкус на карамела и чоколадо…, се потенцира во тендерската документација.
Значи, скопјани не треба да се грижат за утринските мераци на градската администрација. Во сета оваа растрошност на градските власти скопјани велат дека можеби има и некаква придобивка. Кој пие кафе потешко заспива. А, можеби градските власти во остварува њето на ветените проекти водат сметка и за тоа што ќе им каже гледањето во кафе.
Кафе во лименка, 120.000 лажичиња.
Од фирмите кои имаат амбиција да ги снадбуваат со кафе се бара да им испорачаат 420 килограми кафе мелено (мешавина на арабика и робуста), 150 килограми еспресо кафе во зрно, 54 килограми инстант-кафе во гранули во лименка и 46 килограми вакво кафе во стаклена амбалажа (?), 30 килограми кафе капучино, 300 килограми бел шеќер, 50 килограми кафеав шеќер и 120.000 мали лажичиња.
ИЗВОР: Скопско Ехо