Уредникот на провладините Слободен Печат и Плусинфо, Бранко Героски, zaпочна жесток дуел со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Во текстот објавен на неговиот портал, насловен „E мој Саша, где је сада љубав наша?“, Героски му забележува на Богдановиќ затоа што на социјалната мрежа фејсбук најавил дека ќе учествува на воената парада во Беград.
Ви го пренесуваме текстот на Плусинфо:
На 11 ноември во Белград ќе се одржи голема воена парада, на која Србија ќе го претстави своето најново вооружување. На парадата, меѓу другите, ќе присуствуваат и двајца значајни светски политичари – рускиот претседател Владимир Путин и Саша Богдановиќ, градоначалник на скопската општина Центар!
Секако дека ова звучи неверојатно, но доказ за намерата на градоначалникот Богдановиќ е овој негов пост, објавен среде кампањата за референдумот:
Плусинфо бара објаснување од градоначалникот Богдановиќ за овој негов пост. Плусинфо јавно ги прашува премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска дали ја одобруваат намерата на Саша Богдановиќ да присуствува на парадата во Белград.
Инаку, ако го посетите ФБ профилот на градоначалникот на најурбаната македонска општина, ќе видите дека таму нема речиси ниту еден пост за референдумот. Внимавајте, станува збор за општината Центар, која граѓаните ја одзедоа од ВМРО-ДПМНЕ гласајќи три пати!
Плусинфо јавно ја прашува партијата СДСМ дали молкот на Богдановиќ за референдумот значи негов личен бојкот на кампањата или така било договорено во партијата? Ако е ова второво, тогаш бараме објаснување за таа чудна стратегија.
Уште едно чудно однесување на градоначалникот Богдановиќ бара објаснување. Погледнете ја оваа фотографија:
На неа се скопските градоначалници, на чело со Петре Шилегов, кои се ракуваат со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Настанот се случи во Скопје. Ние на фотографијата не можеме да го забележиме Богдановиќ. Би било убаво СДСМ да ни објасни зошто тој не е присутен на овој настан.
Конечно, се слуша дека Саша Богдановиќ, наводно во „приватно својство“, годинава присуствувал и на мајската парада во Москва, каде што главен актер, нормално, е Путин. Прашања до Заев, Димитров, Шеќеринска и до СДСМ, но и до засегнатиот Богдановиќ:
Прво, дали е тоа точно? Дали Саша Богдановиќ бил на парадата во Москва?
Второ, ако бил, дали некого известил за својата намера да биде присутен на тој настан?
Трето, дали премиерот, министрите или некој од СДСМ го информирал градоначалникот Богдановиќ дека Македонија е на удар на руската пропаганда и дека тој треба своето однесување да го сообрази со тој факт? Или можеби не треба?
За крај, сакаме да нагласиме дека немаме ништо лично „против“ градоначалникот Богдановиќ, та затоа прашањата ги поставуваме јавно, еднозначно и директно до одговорните. Такви одговори и очекуваме – јавни, јасни и директни.
Одговор на Богдановиќ:
На обвинувањата на Героски и Плусинфо, одговори и Богдановиќ. Во неговиот одговор тој потврдува дека е за интеграции во ЕУ на Република Македонија, но многу вешто избегнува да одговори дали е за членство во НАТО.
Одговорот на Богдановиќ ви го пренесуваме во целост:
„Почитуван господине Геровски,
Го читав Вашиот пост и објавата во Плусинфо и се чуствувам повикан да Ви одговорам на поставените прашања и дилеми кои сметам дека неосновано се отвораат во јавноста.
Јасно и недвосмислено ги поддржувам евроинтеграциите на Македонија и
оттука натаму паѓаат во вода било какви обиди за конструкции.
Што се однесува до вашите прашања ќе појаснам:
1. Не сум светски лидер, а на парадата во Белград планирав да одам со мојот татко, кој е потполковник во пензија. Не е прв пат да одам на воени паради и изложби затоа што ме интересирало. Скоро секогаш одам на изложба на денот на Армијата на Република Македонија и тоа најчесто повторни со татко ми, кој е воен пензионер и помалиот брат, кој доброволно служеше во АРМ, во Велес. Воедно ќе си ја искористам приликата да си ги посетам роднините во Србија. На парадата ќе присуствуваат и државници од други држави, но јас одам приватно и не одам на ничија покана. Посетата нема врска со политика.
2. Што се однесува до вториот дел (прашања околу ангажманот на Богдановиќ во кампањата – н.з.), во прилог Ви испраќам два спота од камапањата коишто доволно кажуваат, впрочем јавно ја поддржав затоа што верувам дека тоа е патот.
3. Точно е дека не бев присутен на средбата (со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг – з.н.), но од оправдани причини, размислете пошироко. Но, бев присутен на сите останати манифестации од кампањата каде што имав и агенда.
4. Прв пат бев во Москва заедно уште со седум другари но, туристички. Исто како што сум бил во Берлин, Белград, Истанбул, Солун, Загреб итн. Парадата е затворена и не можете да присуствувате, тоа не ви е точна информација.
На крајот, јас никаде не сум отишол тајно. Во општина Центар се наоѓаат скоро сите амбасади и редовно имам контакт со сите. Со американската, руската, италијанската, шпанската, шведската, кинеската, бугарската итн. Со сите нив сме разговарале за разни идеи и проекти. Од реализации на донации, изучување на странски јазици, обнова на училишта и градинки итн.“
Плусинфо бара дополнителни одговори:
Сепак, Героски не застана овде, па од Богдановиќ бара јасни одговори дека е за интеграција во НАТО!
Плусинфо му благодари на градоначалникот Богдановиќ што одговори на јавно поставените прашања. Да резимираме. Прво, тој ги отфрла сомневањата во врска со неговиот недоволен ангажман во кампањата за референдумот. Второ, потврдува дека бил во Москва (но не и на парадата). Трето, потврдува дека не бил на средбата со Столтенберг, од причини поради кои треба да се размисли „пошироко“. И четврто, потврдува дека има намера да присуствува на воената парада во Белград на 11 ноември, каде што главна ѕвезда ќе биде Путин, но ќе присуствува приватно (со татко му) и не на политичка покана.
И покрај уверувањето на Богдановиќ дека нашата добронамерна грижа е непотребна, ние сепак би сакале да нагласиме дека нашиот градоначалник е и политички претставник на граѓаните на општина Центар и дека не е лесно да го одвои своето лично својство од својата значајна политичка функција. Затоа, не спорејќи за неговите лични афинитети и приватни потреби и планови, ние сепак би сакале од СДСМ, од премиерот Зоран Заев, како и од посочените министри Никола Димитров и Радмила Шеќеринска, да слушнеме одговори на следниве прашања:
Прво, дали се задоволни од ангажманот на градоначалникот Богдановиќ во кампањата за референдумот?
Второ, дали го оправдуваат неприсуството на градоначалникот на Центар на средбата со Столтенберг и во која насока треба да размислиме „пошироко“, за да ги разбереме неговите „оправдани причини“? Ние размисливме и не успеавме ништо паметно да смислиме. Но, бидејќи Богдановиќ вели дека за сѐ разговара со партиското раководство, а ние бездруго му веруваме, ве молиме вие да ни ги објасните тие причини.
Трето, дали е соодветно тоа што во еден ваков чувствителен период, градоначалникот на скопската општина Центар бил во Москва за време на одржување на воената парада, макар и како приватно лице и не како гостин на настанот?
Четврто, дали во време кога на долго и на широко се зборува за влијанието на руската пропаганда во Македонија, против нашите аспирации за НАТО и ЕУ, е соодветно градоначалникот Богдановиќ да присуствува на воената парада на 11 ноември во Белград, макар и како придружник на својот татко и како љубител на паради, иако без политичка покана?
(Мало појаснување за г-н Богдановиќ: тоа за двајцата значајни светски лидери што ќе присуствуваат на парадата во Белград, Путин и тој, беше само мала шега, за која се надевавме дека ќе биде разбрана.)
Ова се двата текста на Плусинфо.
Линк 1
Извор: Република