Пазарџиите во Ресен денеска своите производи ги продаваат на улица, на магистралниот пат Охрид – Битола, поради не продолжување на договорот за закуп на сопственикот на објектот со Јавното комунално претпријатие „Пролетер“.
Објектот во кој досега преспанци ги продаваа своите прозводи е во сопственост на ДООЕЛ Пеце Џурковски, а со договор до почетокот на август за јавно-приватно партнерство со Јавното комунално претпријатие во Ресен функционираше како Градски пазар.
Градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски и директорот на ЈКП „Пролетер“ Музафер Мурати велат дека не успеале да се договорат со сопственикот за закупнината, која, според нив, досега била превисока.
-Партнерот од Германија бараше превисока сума за закупнина и не успеаја да се договорат со ЈКП. Му понудивме тој да го води пазарот, но не прифати. Општината во понеделник ќе викне колегиум и ќе ги разгледаме можностите за враќање на пазарџиите на стариот градски пазар, изјави Гошаревски за МИА.