Сопругата на исчезнатиот претседател на Интерпол, Менг Хонвеи, Грејс, изјавила дека нејзиниот сопруг и` испратил фотографија од нож пред да исчезне за време на патувањето во Кина.
Во првата изјава за јавноста за мистеријата во врска со исчезнувањето на Менг Хонгвеи, неговата сопруга изјавила дека верува оти со испраќањето на фотографијата, тој се обидел да и` каже дека е во опасност, пренесе АП.
Грејс Менг рекла дека не била во контакт со сопругот откако и` испратил порака на 25 септември. Според неа, четири минути пред да и` ја испрати фотографијата, и` стигнала порака од сопругот: „Чекај мој повик“.
Таа рекла дека од тогаш не се слушнала со него и дека не знае што му се случило. Интерпол, кој е со седиште во Лион, и официјално побара од Кина информации за претседателот на таа организација, кој исчезна откако дошол во посета на својата татковина.
Дисциплинскиот орган на КП на Кина пак соопшти денеска дека претседателот на Интерпол Менг Хонгвеи е под истрага заради сомневања дека прекршил закони. Станува збор за висок кинески претставник чие исчезнување го пријави неговата сопруга пред 10-на дена.
Менг Хонгвеи кој е замнеик кинески министер за јавна безбедност е „осомничен за кршење на закони и моментно е под истрага и надзор“ на новото кинеско тело за борба против корупција, Националната надзорна комисија.
Тоа соопштение службата на КП надлежна за борба со корупција и политичка нелојалност го објави вечерва на својот сајт.