Денес од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ со ново соопштение се обрати Дафина Стојаноска, која покрај нападите кон Зоран Заев, истакна и дека Катица Јанева со вчерашниот настап на емисијата „Само вистина“ на Канал 5, потврдила дека Македонија не е правна држава.
„Вчерашниот настап на СЈО е уште една потврда дека Македонија не е веќе правна држава. Не постојат ни закони, ни Устав. Катица Јанева си чита имиња и сама ги суди. Катица Јанева сама закажува рочишта, ги диктира процесите и ги прозива судиите што не и се по волја. Зоран Заев ги нарачува предметите и кажува која мерка и која пресуда е преостра или преблага“, вели Дафина.
Покрај ова Стојаноска порача и дека Зоран Заев е исплашен и не знае што прави, односно дека граѓаните неговата лоша политика ја осудиле со малата излезеност на референдумот.
„Зоран Заев е исплашен од храброста и решителноста на македонскиот народ кој не потклекна на сите притисоци и манипулации и на референдумот покажа дека по ниедна цена нема да поддржи антидржавни политики со кои се брише името Република Македонија, идентитетот, историјата, традицијата и културата. Зоран Заев е во паника затоа што не помина неговата капитулација и граѓаните го осудија обидот да добие амнестија за сопствените криминали преку штетниот договор со кој ги прифати грчките црвени линии“, додаде Стојаноска.