Рано изутринава во шест часот, во близина на Линц, Австрија се случи сообраќајна несреќа, во која учествуваше товарен камион и автобус со македонски регистерски таблички.
Австриските медиуми јавуваат дека сите повредените се згрижени во болница, а поради несреќата бил затворен и автопатот кон Линц. Според полицијата, до несреќата дошло кога автобусот од Македонија застанал заради дефект, а во него удрил камион.
Осум патници се повредени, од кои двајца се потешко, но не се во животна опасност и шест се здобиле со полесни повреди, потврдија од МНР.
„Колегите од Амбасадата на Република Македонија во Виена телефонски се слушнаа со полицијата во Виена, кои им потврдиле дека во автобусот имало 18 македонски државјани, од кои двајца се потешко повредени, но не се во животна опасност, а шест се полесно повредени. Целосен извештај ќе дадат откако ќе биде завршен увидот“, велат во МНР.