По обраќањето на премиерот Заев, со свое обраќање пред пристапување кон гласање за уставни измени, со цел промена на уставното име на државата, за збор се јави и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Собранието во Република Македонија со овој состав и со референдумска одлука таква каква што е, нема легитимитет да носи одлука за промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија.
Не се создадени уставни причини за промена на Уставот на Република Македонија. Одговорноста за овој процес не треба да се лоцира во опозицијата, туку во власта. За договорот со Грција имавме сосема друг институционален пристап за разлика од оној со Бугарија. Одлучивте сами да формулирате прашање и сами да донесете правна квалификација на референдумот, а тоа е спротивно на Уставот.
Оттука, сакам да кажам што треба да се прави односно која е алтернативата. Никогаш не сакам да прифатам теза дека од било кој политички процес зависи живот или смрт, црно или бело. Ова е клучен момент, се согласувам. Ова е момент кога секој од нас ќе го смета за најкрупна политичка одлука. Не смееме да велиме дека нема друг пат надвор од ова. Алтернативи има, а правецот е НАТО и ЕУ.
Сигурен сум дека 120 пратеници се со исто убедување, но како да го постигнеме тоа, е тука се разликуваме. Заштита на уставното име и заштитата на нашето право да се грижиме за македонското малцинство во другите држави е државен и национален интерес. За жал Договорот од Преспа не го заштитува државниот и национален интерес утврден од Собранието за зачувување на уставното име. Не го заштитува нашето право да се грижиме за нашето малцинство во соседните земји.
Оттука можам да констатирам дека владата излегла од својот мандат, ниту формален, ниту политички не добила да го прави ова, рече Димовски.
Ние како држава имаме право да се грижиме за малцинството во соседните држави, но како држава според Устав има право и да се грижи за иселениците надвор од Македонија. Иселеници надвор од Македонија значи и иселеници и од Лерин, Воден, Мелбурн, Перн, Канада, рече Димовски.