14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Премиерот Заев до пратениците што гласаа „за“: Со вакви одлуки луѓето стануваат херои

Денеска е историски ден за нашата земја. Заедно напишавме историја. Нашите визии за подобар живот во подобра земја ќе бидат исполнети, истакна премиерот Зоран Заев по седницата на Собранието на Република Македонија на која се донесе одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа.

Тој упати искрена благодарност до пратениците кои го поддржаа предлогот, нагласувајќи особена благодарност до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласале за одлуката и најави дека очекува нивниот број во втората амандамнска фаза од постапката за уставни измени да биде уште поголем.

– Во овој момент луѓето во Македонија се горди што имаат вакво Собрание. Со ваква одлука луѓето стануваат херои. Заедно напишавме историја, рече Заев.

Тој нагласи дека се надминати големи пречки што постоеле меѓу пратениците.

– Ајде сега да направиме долгиот пат да биде покус, истакна премиерот во однос на патот кон ЕУ и НАТО.

Тој заклучи дека претстои голема работа што треба да се заврши, изразувајќи уверување „дека заедно ќе ја однесеме Македонија во светла иднина“.

– Македонија оди во еден единствен и јасен пат. Вратите се отворени, повелете!, потенцираше премиерот.

На новинарските прашања за шпекулациите на притисоците што биле вршени врз пратениците, тој ги повика сите органи да проверат дали има некакви инсинуации.

На прашањето на новинарите за гласањето на токму оние пратеници кои се обвинети, тој истакна дека никој не е виновен додека не се докаже тоа. Сега е момент да се обединиме.

– Редно е да се изгради единство и да се обединиме, посочи Заев.

Тој кажа дека денеска биле остварени разговори со пратениците од кои тие биле загрозени на 27 април, посочувајќи дека се разговарало во мирна атмосфера како што и била целта и наведе „си подадовме рака“.

На прашањето дали имаше пратеници кои се согласија, а не гласаа „за“, премиерот одговори „да, имаше“.

поврзани објави

Последни објави