Пратеничката Нола Исмајловска Старова за „Макфакс“ вели дека не се кае што гласала за отпочнување на процесот за уставни измени, а најголема поддршка како што вели, добила од сопартијците.
„Гласав за отворање на Уставот, токму за да придонесам кон подобрувањето на решенијата, а со тоа и да помогнам за процесот.
Постапив според сопственото уверување. Поддршката која отворено пристигна од голем број граѓани, а и од меѓународниот фактор, е момент кој треба да се обидеме да го искористиме во наша полза, за нашата татковина.
Одговорно ги отфрлам наводите за некакви закани кон мене при одлуката која што ја донесов во македонското Собрание. Мојата постапка е исклучиво водена од желбата за просперитет на Македонија“, вели Исмајлоска-Старова за „Макфакс“.
Претходно Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Струга, Мирче Аџиоски, ја повика пратеничката Нола Исмајлоска Старова, која гласаше за уставните измени, да го врати мандатот.
„7700 граѓани кои гласаа на предходните парламентарни избори не ви дадоа легитимитет да гласате за промена на Уставот и името, вратете го мандатот“, и порача Аџиоски на пратеничката
Тој додаде дека во Собранието се случило најголемото предавство во историјата на земјата и не се испочитувала волјата на народот искажана на референдумот.
„Се докажаа аспирациите на Зоран Заев и неколку луѓе околу него, кои по секоја цена, без да се бираат средства успеаја да обезбедат двотретинско мнозинство, за жал со помош од 8 пратеници на опозицијата, меѓу кои и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Струга, Нола Исмајлоска Старова. Вие пратеничке, ги изневеривте вашите сограѓани, ја изневеривте државата во која живеете и загазивте врз волјата на граѓаните на Република Македонија“, изјави Аџиоски.