Македонскиот премиер Зоран Заев денеска оствари телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој изрази поддршка и честитки за успехот во понатамошна имплементација на Договорот од Преспа.
Столтенберг, како што соопшти владината прес служба, ја поздрави храбрата, голема и државничка одлука на пратениците, и му пренесе на премиерот Заев дека во НАТО се среќни што Република Македонија продолжува напред.
Тој додаде дека во таа насока испраќа честитки и за успешно завршените пристапни разговори за членство во алијансата на 18 и 19 октомври во Брисел, и порача дека НАТО останува фокусиран на завршување на процесот на интеграцијата на земјата во сојузот.
Нашиот премиер му се заблагодари на Столтенберг за честитките, а двајцата се согласни дека токму пратениците ги надминаа партиските разлики за добро на државата и донесоа голема и важна одлука.
Премиерот Заев во телефонскиот разговор со генералниот секретар на НАТО истакна дека одлуката во Собранието на РМ е силен импулс Република Македонија да продолжи силно напред, и дека охрабрувањето, поддршката и пријателството од НАТО сојузниците ќе има позитивно влијание да се зголеми мнозинството што ја поддржува имплементацијата на Договорот од Преспа.
Тој информираше дека се очекува просецот да заврши во јануари, по што Република Македонија ќе може да го заземе заслуженото место во НАТО.