Во отворено писмо напишано на седум страници Сашо Мијалков го обвинува Мицкоски за двоен морал и лажен патриот кој сакал да го смени името. Го прашува кому ветувал дека нема да организира масовни протести и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го блокира процесот за решавање на името.
„Дали е во ред, некои свои соработници пред неколку недели да ги охрабруваш да убедат 8 пратеници да гласаат „за“ со цел да се решело прашањето ама ти да не си бил крив, а плус да глумиш храбар лидер кој бара предвремени избори фалејки се со сомнителни анкети кои ги добиваш од агенција од друга држава?“ – Сашо Мијалков
Мијалков бара седум одговори од Мицкоски меѓу кои како со професорската плата од 500 евра Мицкоски успеал да дојде до неколку хидроцентрали додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Го прашува како издејствувал неговото име да исчезне од листата на осомничени во случајот Талир- кој СЈО го отвори за финфансирање на партијата.
„Колку што јас знам, професори на факултет има многу, но само еден професор во Македонија, кој претходно немал сопствен бизнис, има милионски вредни хидроцентрaли кои носат милионски заработки во евра, а сето тоа без никаков ангажман, само врз основa на добиената концесија доделена од владата на ВМРО?“ – Сашо Мијалков
Во писмото на Мијалков се споменати само двајца функционери, претседателот и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој по Централниот комитет и партиските исклучувања упати честитки за нова криминална коалиција.
„Сакаме да ја честитаме новата криминална коалиција во Република Македонија, Зоран Заев – Вице Заев – Сашо Мијалков“, вели Александар Николоски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
На Александар Николовски му напиша дека ќе се видат во суд, откако му порача дека тој бил во партијата уште кога Николовски бил „во пелени“. Освен функционерите од Белата палата, исклучувањата во партијата не се осмелија да ги прокоментираат членовите кои изминатата деценија беа на функција.
„Политичкиот дел не сакам да го коментирам…“, вели Тони Трајковски
Од коментар се воздржа остана и првиот братучед на Мијалков и поранешен премиер Никола Груевски, кој сега е почесен претседател на партијата, но не е исклучен од членството.
„Јас не ги знам сите аргументи и докази со кои располага раководството на ВМРО-ДПМНЕ “, вели Никола Груевски
Писмото испратено до сите медиуми пристигна од меил адресата на Мијалков. Тој за тв24 потврди дека е негово. Од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се уште нема одговор на обвинувањата и прашањата. Мијалков, Никола Тодоров, Митко Јанчев ,реформаторот Костадин Богданов и осумтемина пратеници беа исклучени од партијата. Раководството одговори дека опозицијата направило внатрешно прочистување и ослободување од „хипотеките“ од минатото.
Извор: 24ТВ – ОВДЕ