6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Растев без мајка и татко, мојот живот го поминав со мојата бабичка, а во школо сите ме одбегнуваа поради оваа причина

Скопјанец ја раскажува својата тешка животна судбина. Тој денеска е возрасен, фамилијарен човек, живее еден скромен, нормален живот, но секогаш солзи му потекуваат од очите кога се сеќава на деновите од детството, вели кога би можел би ги избришал од сеќавање.

Мајка ми, ме родила и ме оставила уште пред да наполнам една година, а татко ми никогаш и не сум го запознал. Мојата баба ми беше се. Татко, мајка, родител, другар.

Мајка ми откако си заминала, од неа нема ни трага ни глас. Баба ми беше таа која ми даде една несебична љубов, топлина, дом, кров над глава. Уште од самиот почеток. Живеевме во една мала, стара куќичка. Имавме две собички, немавме бања, се капевме надвор во шупа, а кога беше зима, тогаш внатре во соба.

Дојде време да тргнам на училиште. Сите деца беа рака за рака со своите родители, а јас за рака со баба. Во тој момент и не ми беше некоја мака, но како минуваа деновите ми стануваше се повеќе и повеќе.

Сите облечени во нешто ново, а јас во алишта, кои ми ги дале некои деца на кои повеќе не им се точни. Ама ако, ниту тоа не ми сметаше. И јас имав насмевка првиот ден на училиште, на моето лице. Но, за жал само првиот.

Сите деца имаа родители, само јас не. Ме избегнуваа. Тоа беа едни невоспитани и арогантни суштества уште од мали нозе. Седев сам. Обично во последна клупа. На одморите сам излегував од училница. И учителката имаша некое ограничување кон мене. Кога сите земаа кифли од училиште, јас од ранецот ќе извадев нешто што ми беше спремила баба од дома. И сите ми се смееја.

На родителски секогаш кај нив доаѓаа родители, а кај мене, баба. Таа се гордееше со мене. Редев петки од прва до последна. Баба ме учеше како да станам човек. Јас немав другари. Баба ми беше другар. И се беше така до осмо одделение.

Дојде време да тргнам во средно. Во тоа време средното училиште не беше задолжително, па јас толку гледав црно на животот, што воопшто не ни сакав да одам понатаму, но баба ме убеди во тоа. Средното училиште го запишав вонредно. Морав и да работам, бидејќи баба земаше мала пензија, па кога ќе можеше и одеше по станбените згради и чисеше за дневница за да имаме за еден нормален живот.

Јас работев како градежен работник. Носев цигли, мешав малтер. Дете, колку можам, но сепак помагав дома. И така го завршив средното училиште. Имав тогаш 18 години, и за тие годни можев да стекнам само еден другар. Но, не обичен. Тоа е другар за цел живот. Кога бев ученик работевме кај неговите дома на куќата што ја градеа. Иста генерација.

Татко му цело време му велеше да гледа од мене како се работи, а не по цел ден да се шета. Ех, колку сакав да биде обратна ситуацијата. Тој е од богато семејство, а јас немав ниту семејство, а не пак богато. И така се спријателивме. Тој велеше дека него го избегнуваат бидејќи е дете на родители кои имаат пари, а мене дека ме избегнуваат бидејќи немам родители и сум сиромашен. Ние бевме два различни светови, но сепак исти. Се споивме. Денеска имаме по 40 години и јас и тој. Тој се ожени пред мене, а јас му станав кум.

Денеска јас сум полицаец. На местото на старата куќа каде што живеевме со баба, која сега е почината, изградив нова. Не е голема, но е доволна за мене, за мојата сопруга за моите деца.

Не знате колку многу ги сакам моите деца. Колку љубов добиваат тие. Слободно можам да кажаам дека го имаат најдобриот татко на светот. Никогаш од моите уста не излезегоа зборовите “мама или тато”. Јас немав мајка и татко. Но, моите деца имаат.

Секој со насмевка и убави спомени се сеќава на детството. Но, не и јас. Кога би можел да ги избришам тие години. Тие понижувања и омаловажувања. Само се прашувам, како може да постои толку многу злоба, гнев и омраза кај децата. Моите сооученици и врсници ми го направија животот да ми биде уште потежок.

поврзани објави

Последни објави