Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, инаку тврдокорен противник на Преспанскиот договор, го гледал на телевизија во живо гостувањето на вицепремиерот Кочо Анѓушев во емисијата „Само Вистина“ и му искоментира како обичен гледач на кајронот наменет за мислења од страна на гледачите, пренесува Фактор.
“Г-н Анѓушев, наместо да ги оптоварувате граѓаните со нови давачки, ќе бидете ли љубезен да објасните кога ќе почнете со проектот поврат на 15% ДДВ, што заедно со Заев го ветивте пред изборите”, праша Милошоски.
Додека беше он-лајн, коментарот беше забележан и Анѓушев му одговори на екс-министерот за надворешни работи, додека овој го следел на телевизија.
“Пред било која реформа да ја направите потребна е опширна анализа, таа анализа се прави во Министерството за Финансии. На Економскиот Совет сме ја разгледувале и мислам дека министерството за финансии ќе излезе со таква анализа и ќе го каже ставот по тоа прашање. Не би можел конкретно да ви одговорам за таа реформа, сепак е во ингеренции на министерството за финансии, но да ги видиме анализите, да ги видиме математиките, тоа се однесува на граѓаните кои трошеле и плаќале ДДВ сметки, нешто да им се врати, на некој начин и да се зголеми фискалната дисциплина. Не би можел да кажам кога ќе биде тоа, но еве пак да потенцирам тоа е сепак во ингеренции на министерството за финансии, тие имаат тим кој работи на тоа прашање”, одговори вицепремиерот за екомомски прашања.
Анѓушев во текот на емисијата, покрај еконосмките проблеми, ја критикуваше и политиката на опозицијата.
Извор: Фактор