Откако Македонецот од Швајцарија Н. Поповски испрати писмо со критика до Македонците дека спијат по кафеани, кафулиња и ресторани, а истовремено се жалат дека немаат убави плати и добар животен стандард, со различно мислење излезе нашинец од Германија.
Еве што напиша тој:
Во Македонија не само што не работат, туку голем број не ни сакаат да се доквалификуваат за да најдат работа. И тоа е факт. Но, работите треба да се движат во насока да се стекне работна навика за човек да може да се снајде во лоши времиња.
Тажно е што постојат такви ликови кои сметаат дека човекот треба да гладува или да умре за да имаат уште една нула на сметката. Муабетите за младите се дека не сакале да работат и дека истите биле мрзливи. Но според мене тоа е навистина едно површно размислување кое не држи вода.
Зошто сите тие луѓе, односно ако се навистина над 500 000 иселени, работничката класа која се опишува со зборовите мрзлива, работи како стока во Канада, Швајцарија, Австралија, Шведска, Германија и сите оние други земји каде што заминуваат?
Дали можеби е тоа поради тоа што таму им даваат поголеми плата или поради тоа што не се дома?
Еве, му порачувам на братот Поповски, кој живее во Швајцарија, да каже зошто тој не останал да работи со истата мотивација во Македонија и дали самото тоа што имал помала плата не го демотивирало да биде полежарен и да живее така кажано, од ден за ден?
Зошто не се мрзливи Македонците во Германија, каде еве јас гледам дека се работи повеќе часови од кај нас? Зошто не се мрзливи во Италија, или било која друга земја каде што ги има?
Еве го одговорот драг мој пријателе кој сакаш да ги понижиш нашите Македонци кои останалее во својот дом: Во Македонија не може некој да биде мотивиран за работа кога имаш газда каков што имаше мојата сопруга (која патем работеше во текстилна фабрика) каде што пцуе, ги третира како робови, им дава плати одвреме – навреме, и тоа многу мали и понижувачки за работата која му ја имаат сработено, а понекојпат им крати и од платите.
Продуктивноста на македонскиот работник може да биде од полза не само за работодавецот, ами и за државата, но оној момент кога најпрвин државата, ќе ги заузди сопствениците на компаниите, а не обичниот работник!
Се друго е замајување, самозалажување, за да после некои нови 2 децении пак се прашуваме “уф, зошто ни е вака“.