Компанијата ЕЛЕМ денес излезе со соопштение до јавноста поради критиките на кои наидоа од страна на СДСМ, поради неконтролираното испуштање на Охридското Езеро. Тие велат дека СДСМ сакајќи да собере политички поени, манипулира со јавно достапни податоци и ја злоупотребува состојбата на водостојот на Охридско Езеро.
„СДСМ во обид да собере ситни дневнополитички поени манипулира со јавно достапни податоци и ја злоупотребува состојбата со водостојот на Охридско Езеро. Овојпат си дозволија да се деградираат до тој степен што сами почнаа да се демантираат со лиферувани тези. Имено, на партијата сега почна да и пречи тоа што било зголемено домашното производство на електрична енергија, и дека токму поради тоа бил намален водостојот на езерото.
Прво, не е точно дека АД ЕЛЕМ во декември беше соочено со скап увоз на електрична енергија, како што тврди СДСМ, затоа што компанијата од 1 јануари ја презеде обврската да ги обезбедува потребните количини од електрична енергија за тарифните потрошувачи со одлука на Регулаторната комисија за енергетика, донесена кон крајот на минатата година. Второ, малициозна лага е дека водите од Охридско Езеро биле прекумерно искористувани за производство на електрична енергија затоа што во декември просечната кота на езерото, според референтните податоци од УХМР, изнесувала 693, 23 м.нв. што е за 13 сантиметри над пропишаната минимална кота. Согледувајќи го сушниот период во охридското сливно подрачје, во декември истекот се прилагодувал во согласност со водостојот на Охридското Езеро. Според податоците, просечниот дотек во езерото за декември, во периодот 1966-2015, изнесува 22,68 кубни метри во секунда, а за декември 2016 само 2,81 кубни метри во секунда, што е осум пати помал дотек во однос на просечниот или станува збор за најсушен декември во историјата. Во јануари 1966-2016 г, просечниот дотек во Охридско Езеро изнесува 25, 44 кубни метри во секунда, а во јануари 2017 г. изнесува 7, 53 кубни метри во секунда и е околу 3,5 пати помал од просечниот за тој период. АД ЕЛЕМ се раководи според енергетскиот биланс и секој месец изработува план за производство за наредниот месец до половината на тековниот.
Зголеменото производство во декември е според планот за работа за тој месец, како и поради натпросечните дотеци во ноември, а, пак, намаленото производство за јануари се базира врз планот во енергетскиот биланс за тој период и согласно потпросечните дотеци во декември, минатата година. Следејќи ги хидролошките состојби проследени со рекордно ниските дотеци во декември, за кои веќе информиравме , АД ЕЛЕМ и покрај потребата од зголемено производство на електрична енергија што се случи како резултат на енормно зголемениот конзум во јануари, го редуцира и во целост го прилагоди производството на електрична енергија од хидроцентралите по течението на Црн Дрим. Иако во јануари, АД ЕЛЕМ го натфрли производствениот биланс од домашните капацитети за повеќе од 8 проценти, за истиот тој период ХЕЦ „Глобочица“ не го исполнила месечниот план за производство, односно произвела 38,1 отсто помалку електрична енергија во однос на очекуваното. Истото важи и за ХЕЦ „Шпилје“ која во јануари испорачала 32 отсто помалку електрична енергија во однос на билансот.
АД ЕЛЕМ во насока на целосно информирање на јавноста уште еднаш повторува дека го прилагодува испустот на вода од Охридско Езеро во Црн Дрим според котата на езерото, а во согласност со референтните податоци на УХМР, како и според страничните дотеци во сливот на ХЕЦ „Глобочица“. Од крајот на јануари на сила е, на неодредено време, воспоставениот режим на биолошки минимум што подразбира испуст од 3,5 кубни метри во секунда што задолжително мора да се обезбеди за одржување на биодиверзитетот по течението на реката Црн Дрим. Во тој контекст, во целост ги отфрламе политичките наводи дека водата неконтролираном се испуштала т.е. дека и моментно се испушта.
Според историјатот на податоци на ХЕС „Црн Дрим“, просечен истек за јануари, во периодот од 1966 до 2016 година, изнесувал 21 кубен метар во секунда. Во јануари годинава, измерен е просечен истек од 18 кубни метри во секунда и тој во континуитет се намалувал. АД ЕЛЕМ преку својата подружница ХЕС „Црн Дрим“ и понатаму ќе ги презема сите расположливи мерки во насока на зголемување на водостојот на Охридското Езеро кој почна да расте со зголемувањето на надворешните температури и топењето на снегот“, стои во соопштението на ЕЛЕМ.