По триесетина години од првата изведба во Драмски театар, претставата „Викенд на мртовци“ во ново руво се враќа пред скопската публика. Овој пат, актерите од Театар комедија, со нова естетика и мултимедија ќе му дадат современа нота на култниот текст на Миле Поповски.
Претставата која својата премиера ќе ја има вечерва започнува во 20 часот, а режијата е на Ѓорѓи Ризески кој вели дека направиле оригинална верзија:
„Ова е претстава за живите кои се справуваат со смртта. Тргнавме од тоа дека претставата не е поставена долго време, дека денес живееме во друго време, дека тематиката е вечно присутна и трае, но едноставно идејата беше како ние денес гледаме на таа тема и како денешните ликови се справуваат со оваа тема која постоела и постои“.
Меѓу екипата која брои 16 актери е и Магдалена Ризова, која во деведесеттите како дипломец играла во „Викенд на мртовци“ на сцената на Драмски, но сега, како што вели нејзиниот колега, актерот Роберт Ристов претстaвата е со многу поразлична естетика.