3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Од рударски до коцкарски град – Каменица станува малиот Лас Вегас во источна Македонија, ќе се вклучи ли алармот?

Македонска Каменица веќе не е само рударски град. Малото градче од источна Македонија кое се наоѓа во подножјето на Осоговските планини, а кое според последниот попис од 2002 година има 5,147 жители станува главното место за аџилак на комарџиите не само од Каменица, туку од повеќе градови од источниот дел на Република Македонија.

Доколку го посетите градот, ќе забележите дека во центарот на градот има 4 кафулиња и не повеќе од пет кафеани или локални ресторани каде што ќе можете да поминете определен дел од денот уживајќи во кафе муабет или пак во вкусот на храната приготвена од локалните готвачи. Но, она што сигурно ќе ве изненади е бројот на казината во градот. Македонска Каменица има 3 казина, а во најава е отварање и на ново казино во градот, 4-то по ред, во кои според сведочењата на нашите извори се почести „гости“ се токму рударите, но и средношколците.

Голем дел од рударите одат во казината. Имаме три казина, а сега ќе отворат и уште едно, со што бројката се зголемува на 4 казина. Тоа значи дека во Каменица ќе има четири казина на околу пет илјади жители, вели граѓанин од Македонска Каменица за „Поглед“ и притоа додава:

Тоа во реалноста ќе значи дека младите, но и постарите луѓе од градот ќе имаат речиси иста бројка на кафулиња и ресторани која ќе се поклопува со онаа на казината. Она што е уште пожално е дека покрај рударите, во казината чести посетители стануваат и помладите личности, меѓу кои и средношколците.

Покрај ова, граѓаните кои ги контактиравме велат дека во градот покрај казината, има и две кладилници во кои исто така има апарати. Обложувалниците и казината велат тие унишуваат семејни буџети на семејства кои макотрпно работат за нивните плати. Но, и покрај тоа што трпат штети, жителите не преземаат иницијатива за затворање на истите или пак можеби за поголема едукација за тоа зошто истите се штетни по животот на младите луѓе кои се уште живеат во Македонска Каменица.

Покрај ова, изворот кој сакаше да остане анонимен вели дека во градот не се коцкаат само луѓе од Каменица, туку има и такви кои доаѓаат од соседните градови.

Покрај жителите на Каменица, овде често може да се видат и луѓе кои ги знаеме, а кои се од соседните градови Берово, Делчево, Виница. Доаѓаат најчесто во друштво двајца, но може да се забележи и присуство само на еден човек. Претпоставувам дека тоа е така бидејќи истите не сакаат да бидат видени во нивните градови кои се исто така мали како нашето градче.

Македонска Каменица

На прашањето пак дали локалните власти се трудат да го детектираат проблемот, да вршат поголема едукација, но и да го вклучат аларамот кој според нашиот извор требало одамна да биде вклучен, изворот вели: Па, за жал и претходната, но и оваа власт не се трудат да го решат овој проблем. Ова е ПРОБЛЕМ! На околу пет илјади жители да имате четири казина, тоа е катастрофа. Жално е што и самите жители не се поажурни во однос на овој проблем, не реагираат, не бараат решенија. Тоа стана секојдневие со кое Каменичани живеат и на некој начин како да се отрпнати кога ќе дојде збор за ова прашање.

Дали ова ќе остане вака или локалните власти ќе се ангажираат за да ги оттргнат младите, но и сите жители од овој начин на живот, останува да покаже времето.

поврзани објави

Последни објави