6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Претседателот Иванов се сретна со началникот на ГШ на Црна Гора, Драгутин Дакиќ

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска го прими началникот на Генерал штабот на Војската на Црна Гора, бригаден генерал, Драгутин Дакиќ.

На средбата, како што соопштуваат од кабинетот на Иванов, биле разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји и во тој контекст двајцата соговорници изразиле задоволство од одржувањето на дијалогот на високо ниво, во сите сфери од заемен интерес, што, како што посочуват, укажува на традиционално пријателските односи меѓу Република Македонија и Црна Гора.

-Во однос на стратешките цели и интеграциските процеси,македонскиот претседател истакна дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на земјава, но и на целиот регион, нагласувајќи го интересот за натамошно унапредување на соработката со Црна Гора, особено во сферата на одбраната и воено-образовната област, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Претседателот Иванов и генералот Дакиќ разговарале за трансформациските процеси во АРМ, како и за искуствата од интегративните процеси на Црна Гора по полноправното членство во НАТО.

Македонскиот претседател подвлекол и дека реформите и мерките кои се преземаат во Република Македонија за унапредување на стандардите во сферата на одбраната ја потврдуваат нашата стратешка определба за членство во Алијансата.

Претседателот Иванов на средбата со генерал Дакиќ изразил благодарност за поддршката што Црна Гора ја дава за евроатлантските интеграции на Република Македонија, како и очекување дека таа ќе продолжи и во наредниот период.

поврзани објави

Последни објави