12.8 C
Skopje
Friday, May 3, 2024
Платено политичко рекламирање

Скопско Ехо: Турбо-фолкерите дојдоа по нова жетва на евра во Скопје, а нам ќе ни остане кичот

Кој знае два акорда и три строфи со ефтина содржина, ете ти го во Скопје концерт да држи. А сега пред Нова Година пак ни доаѓаат најталентираните меѓу таквите ѕвезди. Еве, така и се најавува – најголема предновогодишна забава, два дена пред Нова година, четири часа турбо-фолк забава во Лукас, Милица, Пеѓа…, карти 400, 500, 600, 900 денари… Во истиот период не почестува со присуство и вечната фолк ѕвезда Лепа Брена, пишува Скопско Ехо.

И така, речиси цел месец. Градот е облепен со плакати кои ги најавуваат гостувањата на турбо – фолкери „са Балкана“. Речиси да нема макар и малку прометно место на кое нема излепени плакати или закупени билборди со ликовите на овие пејачи кои канат на забава. Предновогодишните гостувања во Скопје веќе им станаа традиција, а доаѓаат само неколку месеци откако во текот на летната сезона, тие и многу други нивни колеги, веќе гостувале во Охрид, Дојран, на бројните пиво-фест фестивали што ги изродија општинските раководства низ Македонија.
Доаѓаат, ќе си го соберат богатиот хонорар и ќе си заминат, оставајќи ни го кичот. Го знаеме квалитетот на таа музика, но пак ни ги носат, заради профит на организаторите и „ѕвездите“. Младите се заведени од телевизиите, секоја вечер има турбо-фолк паради, натпревари, и младите тоа го прифаќаат како да е квалитетна музика иако не вреди. Државните институции не не бранат од ваквата наезда, коментира скопјанецот Иван Радевски.
Излегува дека турбо – фолк публиката постојано се регрутира. По она што се гледа и слуша на националните телевизии, не треба да чуди што и во малку поголеми скопски дискотеки вечерните журки редовно завршуваат со еуфорично пеење и играње и со песните на Дара Бубамара, Сека Алексиќ, Јелена Карлеуша, на Северина… Популарни стануваат и шоу емисии во кои гостуваат турбофолкери, за нивните ексцеси, случки, разводи, среќи и несреќи… се пишува многу.
– Преплавени сме со шундот, го има премногу на тв-каналите и тоа не само домашните. Таквите програми за масовно затупување и оглупавување треба максимално да се одбегнуваат. Тие се лесни за препознавање. Се она што не нуди естетски квалитет и не бара рационална вклученост, туку само цели да ви го задржи вниманието преку активирање на најосновните и најпримитивните нагони, додека бесцелно блеете во телевизорот е за одбегнување, ни изјави Тео Максут, глумец од помлада генерација.
За жал, турбо-фолкот ги потиснува онаа малку квалитетни музичари кои, на заоѓањето на кариерата, доаѓаат да одржат концерти во Скопје. Но ни тие, ни од далеку не се толку чести ниту пак посетени како на фолкерите. Доволно е само да се спореди бројот на концертите, на манифестациите, општинските фестивали… За сето тоа, по правило, се наведува објаснувањето дека „народот тоа го сака“…
– На сцена имаме вистинска естрадна мафија која е поврзана со „домашни структури“. Некој некаде рекол дека „полесно им е на домашниве политичари и градски властелини да исперат повеќе пари со турбо-фолкери и други артисти од соседството“ и јас би можел да се сложам со тоа. Магичен круг кој го има без разлика која гарнитура е на власт, смета Петар Младеновски, фронтмен на познатата група „Суперхикс“.
Истовремено, зачудува како никој од оние кои што ја креираат културната политика во градот и во државата досега воопшто не презеле никакви потези со кои повеќе би се форсирала квалитетната музика наспроти музичкото дно наречено турбо – фолк. Владимир Мандичевски, организатор на бројни концерти на познати квалитетни музички ѕвезди, укажува дека практично нема разлика кога се организира концерт на турбо-фолкери и сериозни музичари.
– Не постои начин да се забрани постоење на одреден вид музика, па и на онаа со сомнителен квалитет и ниски стандарди, бидејќи постои публика која е конзумент и на таквата музика. Организаторите на концерти на изведувачи на турбо фолк музика подлежат на данок на влезниците од 18 отсто, ЗАМП од 10 проценти, данок на добивка и одреден трошок за провизија на продажбата на влезниците, објаснува Мандичевски.
Во ситуација кога државните органи не би требале да вршат цензура и да определуваат што граѓаните треба а што не треба да слушаат, единствен начин за влијание е во оданочувањето. Мандичевски смета дека зголемувањето на давачките за неквалитетот не би било решение, бидејќи би можело да предизвика контра-ефект со кој државата би била губитник од давачките кои ги наплаќа.
– Проблемот е во тоа што концертите на изведувачите од џез, рок па и оние од класичната музика кои не се организирани од националните институции, или не се подржани во годишните конкурси на Министерството за култура, подлежат на истите давачки. Многу пологично би било да се намали данокот на влезниците од 18отсто, на пониска стапка, за концертите на џез, рок и класична музика, со што делумно ќе се зголеми профитабилноста на организаторите, и на долг рок ќе се зголеми интересот за организирање на концерти од овие видови музика, потенцира тој.
Ова, сигурно, може да биде само еден од потезите со кои би можело да се влијае врз подобрувањето на музичките вкусови во градот. Но, јасно е дека тоа нема да биде доволно без радикално менување првенствено на односот на мас-медиумите кои се повеќе и повеќе даваат простор на ваквиот неквалитет.

Главните уредници и газдите на големите телевизии, не ја чукнуваат малку главата, што направија со форсирањето на шунд. Па и нивните деца живеат во Македонија. И тие губат дел од својата креативност, гледајќи и слушајќи површна и нападна музика која всушност не е и музика, дециден е Дарко Андонов.

Извор: Скопско Ехо – прочитајте го целиот текст ОВДЕ 

поврзани објави

- Advertisement -
- Advertisement -
- Advertisement -spot_img

Последни објави