По наглото топење на снегот и врнежите од дожд, од Управата за хидрометеоролошки работи информираа за зголемување на нивото на водата во речните корита.
Станува збор за реките Вардар, Радиска, Црна Река, Брегалница, Сатеска и Треска, додека во останатите речни корита исто така има, но станува збор за благо покачување на нивото.
Сепак, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) смируваат, тврдејќи дека во моментот нема никаков проблем, кој би можел да донесе поплави, нешто што го снајде Скопје во август минатата година, кога имаше и жртви.
„Речните корита имаат капацитет и нема потреба од паника. Осцилации на прилив на вода во реките има, кои доаѓааат како резултат на ниските температури, како и поради врнежите на дожд кои го топат и снегот. И покрај тоа, нема опасност од излевање на реките“, истакна Надица В’чкова, портпарол на ЦУК.