Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски втор ден ја продолжува посетата на Брисел на политичкото Собрание на Европската Народна Партија.
Тој најпрвин оствари средба со Дејвид Мекалистер кој што е претседател на Европската Народна Партија и истовремено претседавач на Комитетот за надворешна политика при ЕП.
Потоа со Иво Вајгл кој што е известувач за Република Македонија во ЕП и веднаш по завршувањето на пленарната седница на политичкото Собрание реализираше средба со Манфред Вебер кој што е претседател на парламентарната група на Европската Народна Партија и истовремено кандидат за претседател на ЕК од редовите на Европската Народна Партија.
По средбите Мицкоски посочи дека владеењето на правото и правната држава се загрозени во Македонија.
Во текот на средбите се разговараше за актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија. Практично разговараа за сите оние неуспешни политики кои што владата на СДСМ и Зоран Заев ги реализираат во Република Македонија.
-Ги запознав моите соговорници за отсуството на владеење на право и на изгубената правна држава, изгубената доверба на граѓаните на Република Македонија, која што практично е основен мотив истите да ја напуштат земјата. При средбата ги илустрирав оние последни 4 случаи кои што се случија пред некој ден, а тоа е гранатирањето на дуќан во центар на Скопје, запалените 2 угостителски објекти, едниот во старата скопска чаршија, а другиот во Општина Бутел. И оној вооружен грабеж кој што исто така се случи во главниот град на Република Македонија, потенцираше Мицкоски.
Тој посочи дека постои оправдан сомнеж Зоран Заев сака да ги украде престојните претседателски избори.
-Побарав организирањето на фер и демократски избори биде еден од условите за отпочнување на преговори со ЕУ. Истовремено не ја испуштив можноста да лобирам, доколку се исполнат сите овие критериуми да биде овозможен напредок во европските интеграции на земјава, истакна тој.