Денес беше одржана средба помеѓу амбасадорот на ОБСЕ, Нина Соумалаинен и претставници на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Никола Груевски, како и Владимир Ѓорчев, Никола Попоски и Александар Николовски.
На средбата е разговарано под повеќе точки, но најинтересна е онаа во која се зборува за евентуално составување на Влада, без ВМРО-ДПМНЕ.
„Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето доколку СДСМ формира Влада, дали истата ќе биде прифатлива за партијата, беше одговорено дека секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“, стои во дел од соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ и натаму цврсто стои зад своите барања да има нови избори, кои како што велат ќе пресудат за состојбата во државата. Гледано од економски аспект, најдобро би било тие избори да бидат заедно со локалните избори.
„Во однос на прашањето базирано на ставот на партијата, кога евентуално би можело да се организираат парламентарни избори, од партијата беше посочено дека од економска гледна точка во смисла на трошоци за изборите, како и другите проблеми кои ги создава секое организирање избори, би било најдобро да се за време на локалните избори, но тоа би можело да се дискутира помеѓу партиите доколку има политичка волја, а не страв и одбивање како што демонстрираше СДСМ“, пишуваат од партијата.