Маја Трпковска, мајка на Пино Секундо (26), момчето кое од Скопје исчезна пред 73 дена, организира мирен протест на 25-ти февруари, со почеток од 16.30 часот, пред собранието.
Во разговор за ,,Фокус” таа открива дека е разочарана од потрагата по нејзиниот син, која до сега не дала никакви резултати. Ги повикува граѓаните да и се приклучат бидејќи јавноста заслужувала одоговори од надлежните.
Ги повикувам сите кои имаат некој близок кој исчезнал без трага и глас, ги повикувам сите граѓани кои живеат во страв за својата безбедност, по сите овие зачестени исчезнувања на луѓе, да излезат на мирниот протест во Скопје. Јас не се откажувам од потрагата по мојот син, и минувам низ невидена агонија цели 73 дена. Нема никакви информации од МВР, дури и инспектори на кои им се јавував, ме блокираа на мобилните. Ќе се обратам пред присутните како мајка која е во очај по своето дете и не знае дали тоа е живо цели 73 дена. Не сум политичар и не знам да држам говори, но ќе зборам од срце, како родител. Го повикувам и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да се појави на протестот, да излезе пред граѓаните и да ни даде одговори. Луѓето живеат во страв, заслужуваат одговори, мора да се знае вистината. Се надевам дека ќе ни се обрати. Мачиња се губат, па побргу се наоѓаат – тврди Трпковска.
Протестот ќе траел до 21 часот, и покрај тоа што блиски пријатели на Пино изразиле желба да ја поминат цела ноќ пред собранието, со цел да го свртат вниманието кон проблемот.
-Не можеме да блокираме цела ноќ, имам разбирање за граѓаните. Сепак се надевам дека и во тие неколку часа ќе имаме поддршка, бидејќи сите имаме деца и заслужуваме сигурност во нашата земја. Политичарите се татковци на секој човек во државата, тие мора да ни ја гарантираат таа сигурност. Барам одговори, барам детали, и верувам дека изминатиов период, по сите овие мистериозни случаеви на исчезнувања и смрт на млади луѓе, не сум единствената. Сите имаат право да знаат што се случува, што превзема МВР – изјави мајката.
Нејзиниот син Пино излегол од дома со автомобил Шкода Фабија со регистарски таблички SK 1566 AP. Нема трага ниту од него, ниту пак од автомобилот.
Извор : фокус