До последно денеска попладне коалиционите партнери не го откриваат заедничкиот кандидат за шеф на државата. Различни струи со различни пробни балони. Премиерот рече попладнево на средба ќе дебатираат, а најверојатно до вечерва ќе пресечат кој од имињата што изминатиот период се вртеа ќе биде нивниот избраник. Денеска интензивно се шпекулира за Стево Пендаровски- Заев резервиран.
Ако до вчера во потесниот круг се најдоа министрите Спасовски и Димитров, а како трет Пендаровски, денеска според извори на Алфа во владејачкото мнозинство, обрачот се стега меѓу Спасовски и Пендаровски. Првиот партиски омилен, со поддршка меѓу албанскиот електорат и коалициониот партнер и вториот – надпартиски, со поддршка не толку голема во членството на СДСМ, ама од западните фактори и од ДУИ – прилично висока. Димитров, според истите извори, засега не е најприфатливата варијанта за Ахмети, информира Алфа телевизија.
Кој и да биде кандидатот од страна на СДСМ, како свој најголем противкандидат од другата страна ќе ја професорката Гордана Силјановска Давкова која доби поддршка од 408 делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, но и за неколку часа собра 10.000 потписи за нејзината кандидатура. Силјановска Давкова рече дека ќе побара поддршка не само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку и од сите граѓани на државата.