Грицкањето нокти може да предизвика низа здравствени проблеми, а овие неколку совети ќе ви помогнат полесно да се ослободите од оваа лоша навика.
Некои луѓе грицкањето нокти го доживуваат како грицкање чипс, ноктите им се постојано во уста. Но, всушност тоа претставува голем проблем бидејќи освен што прстите грдо изгледаат, може да доведе до низа здравствени проблеми. Според дерматологот Робин Еванс, со грицкањето нокти се зголемува ризикот од воспалителни бактериски и габични инфекции. Ако долго време ги грицкате ноктите може да влијаете и на самиот корен на нокотот. Уште на ова ако додадете дека грицкањето нокти е многу нехигиенски, ова се само неколку причини зошто треба да престанете со оваа грозна навика.
Еве неколку совети за тоа како може да се ослободите од неа:
1. Лак за нокти
Не, не станува збор за обичните лакови туку за лак со непријатен вкус наменет за луѓето кои грицкаат нокти. Овие лакови можат да ги користат и мажите, најчесто се проѕирни и со горчлив, безопасен вкус.
2. Препознајте што ве тера да ги грицкате ноктите
„Ако ги грицкате ноктите кога сте нервозни, препознајте што е тоа што ви создава напнатост“, вели д-р Киерон О’Конор, директор на центарот за истражување спектри за опсесивно-компулсивни нарушувања на Универзитетот во Монтреал.
Можеби едноставно ќе забележите дека кога сте нервозни не знаете што да правите со рацете па ги ставате во уста. Докторот советува во такви ситуации да ги ставите рацете на колено наместо во уста и да го промените одговорот на стресот. Може да користите и други стратегии на опуштање, како на пример длабоко дишење.
3. Грицкањето нокти заменете го со добра навика
Кога еднаш ќе станете свесни дека станува збор за лоша навика обидете се да ја спречите така што ќе создадете нова. Треба да имате на ум дека се потребни близу три седмици за да се ослободите од старата и да развиете нова навика.
4. Не бидете строги кон себеси
Луѓето кои грицкаат нокти обично се перфекционисти. Во некои моменти овие луѓе можат да чувствуваат дека никогаш не чинат доволно, дури и кога сè прават како што треба. Токму такви ситуации го поттикнуваат грицкањето нокти. Затоа, размислете кои емоции и мисли предизвикуваат да грицкате нокти и сигурно со текот на времето засекогаш ќе ја смените оваа грда навика.