Министерството за внатрешни работи информира дека четворицата патници од авионот, што вчера полета од Охрид за Софија, а се урна во близина на Солунска глава, се без знаци на живот.
Припадниците на МВР, вчера околу 19 часот, ги лоцираа остатоците од авионот на локација на околу пет километри северозападно од Солунска глава.
Во несреќата животот го загубија Г.А.Б. (1970 год.), К.Ц.К.Б.(1972 год.), Г.Г.Б. (2005 год.) и Б.Г.Б. (2000 год.) сите од Република Бугарија.
Министерството за внатрешни работи изразува сочувство до роднините и до сите граѓани на Република Бугарија. Службите на МВР, Институтот за судска медицина и Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти вршат увид под раководство на јавен обвинител.
Можни причини за несреќата:
Главниот асистент за безбедносна авијација од Техничкиот универзитет во Бугарија Марин Петров за бугарските медиуми рекол дека дека при авионски несреќи ниту една верзија за причините за трагедијата не е исклучена.
„Забрането е да се влезе во такви облаци во овој тип на авиони и облаци кои имаат силна турбуленција со големи нагорни и надолни струи, што е исклучително опасно, бидејќи протокот е толку голем што може да доведе до колапс на авион и уништување во воздухот„ објаснува Петров.
Тој објаснува дека според правилата на ГД ГВА Георги Бошнаков имал аматерска лиценца да пилотира со мали авиони, која му дозволувала да го превезува семејството, а соодветна лицена се добива по курс од неколку месеци, кој вклучува 140 часа теорија и 40 часа пракса.
Бугарскиот експерт за воздухопловство, Ангел Борисов, вели дека теренот каде паднал авионот е опасен, поради серијата на врвови. Во ваков случај, додава, пилотот не смеел да отстапува од патот.
„Пилотска грешка може да е причина за инцидентот. Пилотот прво побарал да слета во Скопје, а потоа заминал за Софија. Друга веројатност може да бидат откажување на моторот“ – вели тој и додава дека пилотот најверојатно ја потценил ситуацијата.
Извор: НоваТВ