За лидерот на ВМРО НП, основач и прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ предлогот Република Северна Македонија е достоинствено решение за деблокирање на процесот за евроинтеграции.
Да ги охрабрам и оние од власта и оние од опозицијата, предлогот на господинот Нимиц „Република Северна Македонија“ е достоинствено решение за надминување на сегашното име БЈРМ, достоинствено решение од аспект на тоа што има многу преседани од тој карактер, достоинствено решение е и за да го откочиме овој процес во кој се наоѓа денеска Република Македонија, рече Љубчо Георгиевски на својата прес-конференција во 2012 година.
Тој уште тогаш ги повика на ТВ дебата сите оние кои се загрижени за идентитетот.
Јас лично ги убедувам граѓаните дека од една страна ако го ставиме името Република Северна Македонија и од друга страна програмската шема на Сител теелевизија, јас ви гарантирам дека програмската шема на Сител телевизија три пати посериозно го загрозува идентитетот на македонскиот народ. Антиквизацијата десет пати посериозно го загрозува идентитетот на македонците отколку додавката Северна во името, рече тогаш Георгиевски.
Ова не беше единствен пат кога Георгиевски го кажа својот став, без влакна на јазикот, без разлика што беше жестоко критикуван од тогашните медиуми за овие негови јавно искажани ставови околу спорот за името кој го имаше Македонија со нашиот јужен сосед Грција.
Јас апсолутно сметам дека Северна Македонија не е ништо страшно по ниту едно прашање за Македонија, рече Георгиевски во интервју за БНТ.
Спорот за името, како и начинот на кој треба да се реши не е единствениот крупен проблем за чие решение Георгиевски имаше визија. Тука е и проблемот со Бугарија односно македонско-бугарските односи. Георгиевски беше првиот македонски политичар кој јасно и недвосмислено се залагаше за пријателство и отворена соработка со соседна Република Бугарија. За овие негови напори за подобри македонско-бугарски односи беше жестоко критикуван и прогласуван за национален предавник од тогашната опозиција СДСМ.
Гледајќи и анализирајќи од денешна перспектива, сето она кое Георгиевски го зборуваше во изминатите 20 години, денес е реалност во која сите ние живееме. Македонија и официјално е Република Северна Македонија, а македонско-бугарските односи се подобруваат врз основа на потпишан договор токму од владата на СДСМ.