Армијата е гарант на суверенитетот, независноста и неповредливоста на територијата на државата. Македонските војници се нашата гордост, тие се најзаслужни за успесите во меѓународните мисии и за поканата која ја добивме за членство во НАТО, рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски претставувајќи ги неговите заложби и проекти како иден врховен командант на македонската Армија.
Во мојот мандат врвен приоритет ќе биде модернизација на Армијата како и обезбедување на европски услови за македонските војници. Како иден врховен командант, моја цел ќе биде континуирано зголемување на буџетот за Армијата и обезбедување НАТО стандарди за нашите војници. Ова ќе значи добри услови за нив за гордо и достоинствено да ја бранат нашата татковина. Процесите за модернизација се веќе започнати и јас во соработка со Министерството за Одбрана силно ќе ги поддржам и забрзам. Посебен фокус ќе ставам на проектите и реформите кои се однесуваат на покачување на платите, домувањето, но и мерките за поддршка на припадниците на армијата по нивното пензионирање од активна служба во армијата – рече Пендаровски.
Тој додаде дека како врховен командант особено внимание ќе посвети на именување на искусни и квалитетни кадри на позициите од суштинско значење за безбедноста на земјата. Пендаровски вели дека тоа е исклучително важно и дека на овие позиции ни требаат најдобрите професионалци со кои располагаме. При именувањето на Началникот на Генералштабот и Генералите во армијата секогаш ќе се води од нивните професионални достигнувања. Само вака ќе обезбедиме професионална армија и почит од нашите сојузници.
Во рамките на моите овластувања во агенцијата за разузнавање, активно ќе учествувам во реформата на безбедносниот систем на нашата држава, согласно со стандардите на најразвиените демократски земји. Обезбедување на ефикасни и независни системите за безбедност мора да бидат врвен приоритет на Владата и на Претседателот. Никогаш повеќе нема да дозволам делови од Агенцијата за разузнавање односно нејзини делови да бидат злоупотребени како што тоа беше случај во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ – вели Пендаровски.
Прочитајте повеќе: Христијан Мицкоски: Пендаровски е избран на мафијашки начин.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на митинг во Сопиште се обрати пред граѓани, истакнувајќи дека гласот за Стево Пендаровски кандидатот за претседател од СДСМ, е всушност глас даден за Зоран Заев бидејќи и самиот Пендаровски изјавил дека е ист како Заев со 102,5 проценти.
Стево Пендаровски вели дека не ни требала мајка ни требал татко на нацијата. Најмалку што ни треба во овој момент е ваков татко кој што е 102,5 проценти идентичен нели и самиот велеше дека е 102,5 проценти идентичен со најголемиот лажго во поновата историја на Република Македонија. Ние го нарековме принцот на политичките лаги Зоран Заев, а овој самиот рече дека бил 102,5 проценти идентичен како Зоран Заев. Најмалку што во овој момент на Македонија и треба еден таков човек.
Мицкоски додаде дека Пендаровски е избран на мафијашки начин во скап и луксузен хотел, додека Силјановска Давкова е избрана на демократски начин на Конвенција во Струга со огромно мнозинство од страна на делегатите на ВМРО-ДПМНЕ.
Зошто он вели дека е 102, 5 проценти е ист како Зоран Заев, затоа што на деспотски начин во мафијашки стил во еден скап и луксузен скопски хотел беше назначен од страна на Зоран Заев. За разлика од него ВМРО-ДПМНЕ имаше внатре партиска дебата деветмина кандидати се пријавија, делегатите на Конвенцијата во Струга во огромно мнозинство својот глас го дадоа за идниот претседател а тоа е проф. д-р Гордана Силјановска Давкова и тоа претставува пример на една внатрепартиска демократска дебата, кажа Мицкоски.