Со цел да се намали отпадот од гумите за џвакање на улиците во Амстердам, модната куќа Explicit Wear се здружи со компанијата за рециклирање на гуми за џвакање Gumdrop и организацијата Iamsterdam и заедно создадоа проект за дизајнирање на патики направени од рециклирана гума за џвакање.
Гумите за џвакање веќе со децении се забава за вашата вилица и освежувач на здив, но и многу тешко разградлив отпад, кој луѓето го фрлаат кај ќе стигнат.
Патиките Gumshoe се направени од рециклирани состојки наречен Gum-Tec кои ги произведува Gumdrop, а овие состојки се направени од 20 проценти гума, пишува The Verge.
Според некои проценки, секоја година, на тротоарите во Амстердам, се фрлаат околу тон и половина гуми за џвакање, а градот плаќа милиони за да ги исчистат. Од друга страна, тимот собран на овој проект користи околу еден килограм гума за џвакање за производство на четири пара патики.
„Откривме дека гумата за џвакање е направена од синтетичка гума. Со разградување на деловите од кои е направена, успеавме да направиме нов вид гума”, објасни дизајнерката Ана Булус.
„Размислувавме на кој начин да ги освестиме луѓето за овој проблем … Така се роди идејата за создавање на производ кој луѓето ќе го сакаат, направен од работите за кои никому не му е гајле” објасни Џонатан ван Лон.
И додека ѓонот е направен од гума за џвакање, остатокот од патиките е направен од кожа. Луѓето зад оваа идеја имаат за цел да најдат начин да им овозможат на клиентите да, ако е потребно, го заменат ѓонот и да го рециклираат.
https://youtu.be/f155BH2MErE
Креаторите сакаат проектот да се прошири и во други поголеми градови, а исто така сакаат луѓето да прифатат подобар и еколошки одржлив начин за справување со нивната гума за џвакање. Патиките се достапни во розова и црна боја и ќе можат да се купат од јуни по цена од 190 евра.