На повеќе од половина од анкетираните граѓани не им пречи тоа што изборите се однесуваат на гласање за претседател на Република Северна Македонија. Албанците се едногласни по ова прашање, а кај Македонци мислењето е поделено. Првиот круг речиси сите анкетирани го оценуваат како фер и демократски, но и натаму голем е бројот на гласачите кои велат дека нема да излезат на гласање или одбиваат да одговорат. Анкетата покажа дека рејтингот на партијата на Зијадин Села е повисок од оној на партијата на Али Ахмети.
Анкетата спроведена од МКД.мк и агенцијата Маркет вижн покажа дека мнозинството граѓани (80,8%) сметаат дека првиот круг од изборите помина во фер и демократска атмосфера.
На прашањето дали ви пречи тоа што изборите се однесуваат на гласање за претседател на Република Северна Македонија, повеќе од половина од анкетираните (56,6%) одговориле дека таа нова титула на шефот на државата не им пречи. Кај Македонците мислењето за ова прашање е поделено додека Албанците се речиси едногласни.
Во однос на евентуалниот повик за бојкот на вториот круг на изборите од која било политичка партија, кај гласачите што во првиот круг од изборите гласаа за Гордана Сиљановска-Давкова преовладува мислењето дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да повика на бојкот во вториот круг.
Во вториот круг на претседтелските избори се пласираа кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот круг разликата во гласовите беше помала од еден процент во корист на Пендаровски.
Ова истражување на јавното мислење покажува дека повеќето испитаници (22%) се изјасниле дека во вториот круг од изборите ќе гласаат за Стево Пендаровски наспроти 15,9% кои се изјасниле дека ќе го дадат својот глас за Гордана Сиљановска-Давкова. Речиси половина (47,7%) од испитаниците одбиваат да кажат за кој кандидат ќе гласаат, додека 14,3% се изјасниле дека нема да излезат на гласање. Ова значи дека исполнувањето на потребниот цензус за вториот круг од 40% излезност од запишаните гласачи е неизвесно.
Пендаровски има повисока поддршка помеѓу албанското население и помеѓу граѓаните на возраст од 40+ години. Сиљановска има предност кај македонското население.
Во однос на рејтингот на партиите, власта и опозицијата се речиси изедначени. На прашањето „Доколку утре се одржат парламентарни избори за која партија би гласале?“, 16,9% се изјасниле дека би бојкоритале, додека 44% од испитаниците не знаат или одбиваат да кажат.
Од испитаниците што се изјасниле по ова прашање, кај македонскиот блок во мало водство е ВМРО-ДПМНЕ со 0,6% во однос на СДСМ, додека во албанскиот блок во предност е Алијансата за Албанците со исто така 0,6 отсто предност во однос на ДУИ.
Анкетирањето беше спроведено од 22 до 24 април со CATI метода – телефонско интервју со помош на компјутер, на примерок од 1.067 испитаници (статистичка грешка 6%, +-3%), интервал на доверба 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и националност.
Агенцијата Маркет вижн неколку пати досега во овие анкети дава резултати со сценарио доколку албанското население е 22% од населението во Македонија, а не 25% каква што е официјалната бројка од пописот во 2001 година.
И во ова сценарио Пендаровски е во предност во однос на Сиљановска, но овојпат со поддршка од 21,6 отсто од гласачите, а Сиљановска со 16,6 %.
И во двете сценарија висок е процентот на испитаници кои не сакале да одговорат на прашањата (47%) и оние кои одговориле дека нема да гласаат (14%).
Во однос на рејтингот на партиите, во ова сценарио паѓа бројот на поддржувачи на СДСМ.
Извор: МКД.мк